Апасиев: За закани кон мене „сам си одбрал да се бавиш со политика“, а за Мицкоски веднаш притвор
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, со остра реакција на својот Фејсбук профил го спореди постапувањето на институциите во случајот со наводните закани кон премиерот Христијан Мицкоски со негово лично искуство од времето кога бил опозициски пратеник.
Апасиев во објавата тврди дека пред неколку години добивал закани по живот, тело и семејство од лица кои ги опишува како муџахедини, но дека неговите кривични пријави биле отфрлени од обвинителка од ОЈО Скопје.
„Мене пред некоја година, како тогашен опозициски пратеник, муџахедини ми се закануваа по живот, тело и фамилија – па една обвинителка од ОЈО Скопје (заборавам и го името, ќе го најдам по списиве), во два наврата, ми ја отфрли кривичната пријава онака лежерно, демек: „Тоа е друже, ти сам си одбрал да се бавиш со политика“!?“, пишува Апасиев на својот Фејсбук профил.
Во истата објава, тој прави споредба со актуелниот случај и реагира на, како што смета, различниот однос на институциите.
„Ама еве сега Мицика го ОПЦУЛ сочно некој пијаница, и одма сега притвори, затвори, чуда, врагови… Цело МВР и ОЈО на нозе!“, наведува лидерот на Левица.
Апасиев во објавата го споменува и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, посочувајќи го како уште еден пример за, според него, различен институционален третман.
На крајот од својот Фејсбук статус, Апасиев најавува дека ќе ја пронајде документацијата за својот случај и ќе направи споредба со актуелниот предмет.
„Ај баш деновиве, пошто сега ме испровоциравте, ќе ја најдам пријавата моја и ЌЕ СПОРЕДИМЕ за какви реални закани од радикални структури, скопското Јавно обвинителство не отвори постапка (против моите заканувачи), а за какви „закани“ отвори (против заканувачот на премиерот). Чисто да видите како мери и премерува Обвинителствово наше затуцанко…“, пишува Апасиев.
Објавата ја завршува со хаштаговите #ДвојниСтандарди #RuleOfLaw #ЗаробенаДржава, со што дополнително го нагласува својот став дека институциите применуваат двојни стандарди.