Ќе се гради и пругата и тунелот кај Деве Баир, се договорија Скопје и Софија
На состанокот во Софија присуствувале и европски претставници, како и од ЕБОР и ЕИБ. Договорено e тунелот да го гради еден изведувач
Македонската и бугарската делегација, заедно со претставници на Европската комисија, вчера во Софија се договорија не само да продолжи изградбата на пругата од Коридорот 8, туку и тунелот на Деве Баир да го гради еден изведувач.
На средбата присуствуваа бугарскиот заменик-министер за транспорт и врски, Бисер Минчев, државниот секретар во македонското министерствот, Стефан Волкановски, генералните директори на компаниите за железничка инфраструктура од двете земји, претставници на Европската комисија, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка.
Според соопштението од Министерството за транспорт македонските претставници истакнале дека Македонија не отстапува од железничкото поврзување и на овој проект гледа како на регионален проект со кој се потенцира развојот на европските транспортни мрежи.
На состанокот од двете страни било прифатено целиот проект во делот фаза 3 (делница Крива Паланка – Деве Баир), да биде преиспитан од причина што сегашната цена е превисока и неразумна со интенција таа да се намали. Двете делагции се согласиле да се користи одлуката за технички проект за тунелот поднесен од Железници Инфраструктура.
Бугарското министерство соопшти дека претставниците на ЕИБ и ЕБОР изразиле поддршка за одлуката еден изведувач да го гради тунелот и се подготвени да помогнат во подготовката и спроведувањето на тендерската постапка. Која од страните ќе ја спроведе јавната набавка за изведувачот на тунелскиот објект, ќе се одлучи во следните разговори со потенцијалните финансиски институции. Двете земји ќе формираат работни групи со цел да се подготви потребната документација за тунелот.
Вчерашниот состанок беше договорен на средбата што на 16 октомври во Брисел ја имаа претставници на Северна Македонија и на Бугарија, а на кој двете страни постигнаа согласност заеднички да продолжат со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8.