Ќе се ексхумира уште едно тело на  повозрасна жена, потенцијална жртва на серискиот убиец


Фото: Б. Грданоски

Вештачењето од есхумацијата на телото на 35-годишната Марија Маринковска покажа дека и таа е жртва на осомничениот серискиот 25-годишен убиец од Малотино, потврди денеска Обвинителството.

Воедно оттаму соопштија дека има наредба за уште една есхумација и вештачење.

Телото на уште една повозрасна жена од Кумановскиот регион ќе биде ексхумирано откако почна истрагата за серија убиства во регионот на селата Старо Нагоричане и Челопек, а за што осомничен е Т.Б. овчар од селото Малотино, кој моментално се наоѓа во притвор.

Од Обвинителството не кажуваат од каде е третата потенцијална жртва за која е наредена ексхумација ниту кога починала, но велат дека се работи за повозрасна женска личност.

Јавниот обвинител Љубомир Лапе вели дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за уште едно кривично дело „убиство“ кое согласно Кривичниот Законик се казнува со доживотен затвор.

– Јавното обвинителство и понатаму продолжува да презема мерки и активности, да издава наредби и да прибавува докази за испитување на сите околности поврзани со предметот. Исто така, во текот на наредните денови е планирана уште една ексхумација за уште една жртва за која се сомневаме дека е жртва од кривично дело –  рече обвинителот Лапе.

Осомничениот Т.Б. е во кумановскиот затвор, но многу брзо ќе биде посетен од психијатриски тим задолжен да го состави неговиот психолошки профил

Досегашните обдукции покажаа дека две од жените за кои се сомничи Трајко Б. починале од насилна смрт – 78 годишната Мира С. и 36-годишната Марија М. Освен неговата улога, обвинителството истражува каква улога имаат и други лица во случајот. Тој претходно бил процесуиран за тешки кражби. Марија М. беше првично погребана како нејзината смрт да е природна, но подоцна ексхумацијата покажа дека насилно починала.

Обвинителството уверува дека ќе испита се – и улогата на лекарите и полицајците со оглед на тоа што за смртта на Марија М на лице место дошле и лекар и полиција, а таа била закопана како да починала од ненасилна смрт. Мотивот на сторителот на серијата убиства на повозрасни жени од кумановскиот регион кои живееле сами, засега не е утврден. Првично не е пријавено дека жртвата Марија М. е ограбена, односно досегашните сознанија се дека од нејзиниот дом не недостасува ништо. Од домот на 78-годишната Мира С. пак недостасувале 17 илјади евра. Полицијата добила наредба да ги извади сите пријави, поплаки, телефонски повици за Трајко Б. и врз основа на тој попис се преземаат понатамошни дејствија.