Ќе поевтинат ли бензините – утре нова одлука на Регулаторната комисија за енергетика


Фото: Б. Грданоски

Граѓаните со нетрпение ја очекуваат утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која треба да соопшти помали цени за бензините и непроменета или минимално зголемена цена за дизел-горивата. Премиерот, Христијан Мицкоски, викендов изјави дека очекува намалување за 2 денари на безоловните бензини, и иста цена или минимално зголемување за половина денар на дизелот. Според него, намалување на ДДВ што го направи Министерството за финансии, директно имплицира позитивен ефект.

Тој рече дека и натаму не размислуваат на рестрикции и на забрани.

– Засега, немаме потреба од рестрикции и забрани. Имаме доволно количества. Ја следиме состојбата и неделава, и доколку има потреба, мерката ќе биде продолжена за уште две недели или евентуално ќе се оди со нова мерка со акцизите – истакна Мицкоски.

Според последните податоци на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), малопродажните цени на нафтените деривати изнесуваат: еуросупер БС – 95: 86,5 ден/литар, еуросупер БС – 98: 88,5 ден/литар, еуродизел БС (Д-Е V): 95,5 ден/литар, масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 92,0 ден/литар и мазут М-1 HC: 51,073 ден/килограм.

Опозицијата ги оцени владините антикризни мерки за задоцнети и нецелосни.

– Македонија е единствената земја во регионот, веројатно, во Европа, која воведува мерки, а цените на горивата растат. Почна спиралата на покачување на цените на храната. Сè е поскапено, сите основни прехранбени продукти се поскапени за повеќе од 10, 20, 30 отсто, млечни производи, јајца, зејтин, овошје, зеленчук…  И да почне да се намалува цената на нафтата, тие цени нема да се вратат. Мерки со кои цените на горивата растат – каде го има тоа? Никаде. Не знам што објаснува премиерот кога вели дека ќе има само мало поскапување на дизелот. Вели и дека ја следат ситуацијата. Што следат, ако ништо не прават? Дали се само неми набљудувачи или се Влада која треба нешто да направи за да им помогне на граѓаните? Ние сме, очигледно, единствената земја во регионот и, веројатно, во Европа што воведува мерки, а цените на горивата растат, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче, според кој, граѓаните навистина ќе почувствуваат корист со намалување или барем со ограничување на цените.

Според процените на експертите, и покрај падот на цената на нафтата, највисоките цени на бензинските пумпи би можеле да се почувствуваат дури во април. Дури потоа ќе почне постепено намалување, кога ќе се потрошат скапите резерви и кога пазарот ќе реагира на евентуалната стабилизација на Блискиот Исток. Дотогаш, возачите ќе продолжат да ја плаќаат цената на глобалната неизвесност. Реално олеснување може да се очекува само ако снабдувањето се стабилизира и не дојде до нови геополитички тензии.

За разлика од воспоставениот систем на единствени цени во Македонија, соседните земји воведуваат различни рестриктивни мерки за да се справат со енергетските предизвици. Српската влада, уште од март 2022, година применува неделно ограничување на цените. 

Во Босна и Херцеговина, состојбата е дополнително усложнета поради внатрешната административна поделба. Двата ентитета – Федерацијата БиХ и Република Српска – ги ограничија трговските маржи на 0,25 конвертибилни марки по литар (0,5 евра), но контролата на теренот е тешка. 

Словенија стана првата земја членка на Европската унија (ЕУ) која воведе порационална потрошувачка на гориво. Поради порастот на цените на горивото, Словенија се соочи со таканаречениот „туризам за гориво“, бидејќи возачите од соседните земји, особено од Австрија, ги користат предностите на пониските, регулирани цени во Словенија. Според последните мерки, возачите на приватни автомобили во Словенија максимално можат да купат 50 литри гориво дневно. Компаниите и земјоделците можат дневно да купат до 200 литри.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на 23 март објави нови мерки, меѓу кои и задржување на цените на струјата и гасот кои ќе важат до крајот на септември 2026 година. Како причина ја наведе „многу сериозната ситуација на Блискиот исток“.

Од 23 март, цената на литар бензин (евросупер 95) во Црна Гора изнесува 1,52 евра, што е пораст од 9,4 отсто во однос на пред еден месец и дури 12,6 отсто во однос на цените од пред три месеца, според сајтот Globalpetrolprices.com. Бензин евросупер 98 сега чини 1,56 евра за литар, што е поскапо за пет центи отколку досега .Поскапи и евродизелот. Евродизелот сега чини 1,57 евра за литар и е поскап за седум центи отколку пред две недели.