Ќе овозможи ли буџетот за 2022 економски раст – власта вели „да“, опозицијата ќе го „подобрува“ со 220 амандмани


Фото: Б. Грданоски

Предлог-буџетот за 2022 година денеска беше „отпакуван“ пред пратениците матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, каде што во наредните десетина дена се очекува дебата за државните приходи и расходи наредната година. Претресот на Предлог-буџетот доаѓа во исклучително чувствителна политичка ситуација во земјава и во очекување на разврската со парламентарното владејачко мнозинство. Од власта порачуваат дека е важно буџетот да се донесе до крајот на годинава, а од опозицијата вече најавуваат дека ќе го „подобруваа“ со најмалку 220 амандмани.

Наредната 2022 година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит. Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици од пандемијата од Ковид 19, клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето и животите на населението. Неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата. Oва го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими денеска образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година.

Капиталните инвестиции во Предлог-буџетот за 2022 година се планирани на износ од 37,8 милијарди денари коишто се за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година и кои се на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, со што се постигнува златното плавило во јавните финансии.

Развојна компонента

Пред членовите на Комисијата, Бесими истакна дека главна карактеристика на овој буџет е развојната компонента, обезбедување непречено финансирање на функциите на државата, како и силна финансиска поддршка за економското заздравување и забрзаниот, инклузивен и одржлив економски раст.

Клучно, според министерот, е што ќе се позајмува само за капитални инвестиции, а парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголем ефект за остварување на целите за повисок квалитет на животот, почитувајќи го принципот „вредност за вложените пари“.

Средствата ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и во железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Меѓу предвидените проекти се изградбата на автопатот од Коридор 8, железничката пруга од Коридор 10 и Коридорот 8, изградба на фискултурни сали, изградба и рехабилитација на основни и средни училиште, нови детски градинки, изградба на гасификациската мрежа….

– Притоа, за да се одговори на сѐ уште присутните предизвици од пандемијата на КОВИД-19, предвидени се повеќе средства во здравствениот сектор и истите се планирани на ниво од 7,4 милијарди денари. Значителен износ се однесува на набавка на вакцини против КОВИД-19; потоа за реконструкција на ЈЗУ во износ од околу 260 милиони денари; набавка на медицинска опрема, реновирање и опремување вакцинални пунктови, како и други програми, рече Бесими.

Фото: Б. Грданоски

Со Предлог-буџетот, покрај тоа што се планирани повисоки средства за капитални инвестиции предвидени се и активности за подобра ефикасност и ефективност во нивното користење. Тоа ќе се постигне преку зајакнат мониторинг во рамки на механизмот за повисока реализација на капиталните расходи (CAPEF), воведување повеќе индикатори за мерење на успешноста на буџетските корисници и воведување Интегриран информациски систем за управување со финансии и Интегриран даночен информациски систем.

– На буџетирањето не смее да се гледа како на изолирана иницијатива, туку како на дел од пошироките институционални реформи, чија цел е повисок квалитет на живот на сегашните и идните генерации, истакна министерот кој додаде дека потврда за тоа дека во 2022 година фокусот ќе биде ставен на капиталните инвестиции е и кратењето на тековните расходи до ниво од 86 отсто од вкупните расходи, нагласи Бесими.

За што ќе се трошат парите на граѓаните

Со Предлог-буџетот тековните расходи се намалени за 4,3 милијарди денари во однос на 2021 година или за два отсто пониски, односно на ниво од 234,6 милијарди денари. Притоа, кај расходите за стоки и услуги што се проектирани на ниво од 20,6 милијарди денари има намалување за околу шест проценти или за 1,3 милијарди денари, како резултат на фискалната консолидација и сведување на минимум на оперативните трошења преку Буџетот.

Министерот порача дека граѓаните можат да бидат сигурни дека со Буџетот за 2022 година е обезбедена ликвидност што значи дека ќе има редовна исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.

Останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, како и подобрување на квалитетот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи. Предвидени зголемувања на платите има кај здравствените работници, инспекторите, судството и обвинителството, професионалните војници, вработените во ИПА структурата, шумската полиција.

Министерот оцени дека поставеноста на расходите за стоки и услуги обезбедува поефикасно користење на ресурсите за работа преку подобрено планирање и реализација на оперативните расходи, намалување на непродуктивни расходи, како расходи за патувања, договорни услуги и репрезентација, но и со истовремено воведување стандарди на трошења.

Социјалните трансфери се проектирани во износ од 124,5 милијарди денари. За исплата на пензии наменети се 64,4 милијарди денари, со цел да се овозможи достоинствено ниво на животен стандард, за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории 11 милијарди денари, за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност 1,4 милијарди денари, како и за активни политики и мерки за вработување 1,8 милијарди денари.

Со Предлог-буџетот за 2022 година ќе се подобрува и стандардот на учениците и студентите. Во 2022 година продолжува исплатата на студентскиот оброк за редовните студенти, а предвидено е и зголемување на стипендиите кои се сведуваат на ист повисок износ на 3.500 денари за ученички стипендии и 6.050 денари за студентски стипендии.

Од Буџетот е предвидена и поддршка на приватниот сектор за побрз, инклузивен и одржлив економски развој. Проектираните средства се наменети за мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативната дејност, технолошки развој и истражување, новите инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања и слично. Ќе продолжи и поддршката за најпогодените сектори од КОВИД при што субвенциите се предвидени во износ од околу четири милијарди денари. Во насока на зелената транзиција и подобро справување со климатските и еколошките предизвици во областа на животната средина е планирана новата Програма за зелен развој во износ од четири милијарди денари, која ќе биде во насока на намалување на емисии на штетни гасови, подобар квалитет на вода, воздух и почва, како и користење на нови обновливи извори на енергија.

Продолжува поддршката на земјоделскиот сектор преку исплата на субвенции и средства од ИПАРД програмата, а повеќе пари ќе имаат и општините преку реформата за унапредување на фискалната децентрализација. Општините во 2022 година ќе добијат 500 милиони денари или 21 отсто повеќе од планираните средства во 2021 година по основ на зголемувањето од 4,5 отсто на пет проценти од ДДВ.

Министерот истакна дека главните економски политики и реформи во постигнување на забрзан, одржлив и инклузивен економски раст во услови на пандемија на Ковид 19 и пред предизвици на енергетска криза и нагорните ценовни движења остануваат определба на подобрување на условите за функционална пазарна економија која ќе биде конкурентна на европскиот пазар и пошироко.

Повисок раст и стабилизирање на инфлацијата

Во 2022 година се очекува забрзан раст, кој е проектиран на 4,6 отсто, при зголемување на бруто инвестициите за 8,5 проценти на реална основа. Проектирано е зголемување на финалната потрошувачка за 3,1 отсто, на извозот за 8,3 отсто, а се очекува и раст на бројот на вработени за 3,1 процент.

Исто така, се очекува стабилизација на стапката на инфлација којашто е проектирана на 2,4 отсто во 2022 година, при што ценовните притисоци како резултат на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните производи на светските берзи се очекува да се релаксираат од вториот квартал од годината.

– За 2022 година имаме поставено амбициозна цел, која во контекст на предвидените политики, има солидни основи да биде остварлива, рече министерот и додаде дека остануваме посветени на остварување на приоритетите за забрзан економски раст, со посебен фокус на здравството, фискалната консолидација, на тековните реформи, судство и евроитнеграцијата, зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој, на развојот на човечки капитал, инвестициите во физичката инфраструктура, социјалната кохезија и на зајакнувањето на институционалните капацитети, потенцира министерот.

Буџетот е стратешки документ во кој Владата финансиски ги пресликува приоритетите во контекст на остварување на програмата во интерес на граѓаните. Поткрепа на остварувањето на овие цели се и донесените стратешки документи со среднорочна рамка од 2022 до 2026 година, на кои се базира конципирањето и планирањето на овој буџет.

Министерот на седницата рече дека очекува конструктивна дебата во однос на предложениот Буџет за 2022 година. 

Шест милијарди денари за патна и 2,2 милијарди за железничка инфраструктура

Осум милијарди денари повеќе се предвидени во 2022 година за капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 37,8 милијарди денари. Во патната инфраструктура ќе бидат вложени шест милијарди денари, а во железничката 2,2 милијарди денари, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи го Предлог-буџетот пред матичната собраниска комисија.

Бесими повтори дека според сите карактеристики, предложениот Буџет за 2022 година е развоен, а капиталните расходи се на историски највисоко ниво од 14 проценти во вкупните расходи.

Фото: Б. Грданоски

– Главна карактеристика на Предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот ќе се користи единствено за поддршка на позначителниот дел капитални инвестиции. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27 отсто во однос на 2021 година поточно во 2022 година се предвидени 8 милијарди денари повеќе за капитални проекти. Капиталните расходи следната година се планираат на ниво од околу 37,8 милијарди денари. Ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството, истакна Бесими.

Од планираните шест милијарди денари во патната инфраструктура предвидени се средства за автопатот од Коридор 8, односно Тетово-Гостивар, Требеништа-Струга- Ќафасан, Гостивар-Букојчани и Букојчани-Кичево (ЕБОР), како и за делницата Прилеп-Битола, додека со средства од ИПА ќе се имплементираат и проектите за изградба на Скопје-Блаце и Градско-Дреново.

– Во текот на 2022 година, со заем од Светска банка ќе продолжат активностите за реализација на Проектот за локални патишта, со што ќе се подобри патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија во износ од 738 милиони денари. Ќе продолжат и активностите за реализација на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, кој е дел од новата регионална иницијатива на Светска банка, од каде се обезбедени средствата за негово финансирање во износ од 399 милиони денари, најави Бесими.

За жлезничката инфраструктура во 2022 година се планирани 2,2 милијарди денари – за завршување на реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10, како и за продолжувње на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 – делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.

Ќе се вложува и во енергетиката

– Предвидена е изградба на магистрални гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар- Кичево и делница Свети Николе-Велес, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, подвлече министерот.

Во однос на комуналната инфраструктура и управувањето со отпад, тој најави интензивна динамика на изградбата на водоводните и канализациските системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитната линија од ЕИБ во износ од 380 милиони денари.

– Преку Проектот за подобрување на општински услуги во износ од 435 милиони денари, финансиран од Светската банка, ќе им се овозможи на општините и јавните комунални претпријатија да финансираат инвестициски зафати согласно своите приоритети во областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги кои имаат потенцијал за генерирање приходи, односно остварување заштеди или пак, кои се од висок приоритет за општините. Во 2022 година со заем од Светска банка ќе започне да се реализира Проектот енергетска ефикасност во јавниот сектор со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините, како и јавни здравствени установи на централната власт. Со заеми од ЕИБ и ЕБРД, како и грант од ЕИБ, во 2022 година ќе започне финансирањето на еден од поголемите капитални проекти во земјата, а тоа е Пречиситителната станица за отпадни води во Скопје. Преку ИПА средства ќе се поддржи рехабилитација и надградба на колекторскиот систем во Скопје, рехабилитација и надградба на канализациската мрежа и изградба на пречистителни станици во Кичево, Битола и Тетово, како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион, соопшти Бесими, презентирајќи го Предлог-буџетот за 2022 година.