„Ќе имаме проблеми“: Мицотакис го повика Мицкоски да ја почитува Преспа
Грчкиот премиер во интервју изјави дека е во „состојба на готовност“ по изборите во Македонија и со загриженост ги следи изјавите на функционери на ВМРО-ДПМНЕ
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во интервјуто во саботата наутро за телевизијата Алфа изјави дека е во „состојба на готовност по изборите во Северна Македонија и победата на националистичката ВМРО“, која предизборно како слоган го имаше враќањето на името „Македонија“.
„Со загриженост ги гледам изјавите на функционерите на ВМРО. Со интерес ќе го чекам официјалниот став на идниот премиер за да видам како ќе се повика на името на својата држава“, рече Мицотакис.
Понатаму тој рече: „Јас лично не се согласував со Договорот од Преспа и особено со агресивното дефинирање на македонската нација и јазик. Но, договорот го прифатив во контекст на континуитетот на државата. Сфатив дека морам да го почитувам“, продолжи Мицотакис и додаде:
„Истите барања постојат и сега од новото раководство на Северна Македонија. Сакам да се надевам дека она што се слушна пред изборите нема да биде официјален став на новата влада по изборите. Затоа што ако тоа се случи, ќе имаме проблеми“.
Мицотакис во интервјуто се обиде да го минимизира утрешниот предизборен митинг на албанскиот премиер Еди Рама во Атина, на една година од затворањето на градоначалникот на Химера Фреди Белерис и еден месец пред европските избори.
„Грција е демократска земја. Правото на собирање е уставно загарантирано. Никој не би забранил приватна посета на странски лидер“, рече премиерот.
„Работата доби повеќе публицитет отколку што заслужува. Ако ме прашате за тајмингот неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото малцинство, ќе ви кажам дека тој не е соодветен. Но не му давајте поголемо значење“, додаде Мицотакис.