Ќе го отвори ли новото Министерство за енергетика патот за спорните „рудници на смртта“
Со реорганизацијата на Министерството за економија, според донесените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, неколку клучни сектори ќе се издвојат во ново Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Дали ваквата реорганизација ќе овозможи ефикасно спроведување на политиките во делот на енергетиката, како што најавуваат од владејачката коалиција, при што како аргумент ги земаат неповолните искуства како државата се справуваше со енергетската криза, или пак, со новото министерство за енергетика ќе се отвори патот за отворање на спорните рудници, како што тврдат пратеници од опозицијата.
Така, во пополноќната дискусија за законските измени во петокот спроти саботата, пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, рече дека формирањето на ново специјално министерство за рударство и минерални суровини е со цел да се олесни процедурата за овие рудници.
„ВМРО – ДПМНЕ пред 2016 година, во еден ден потпиша 86 концесии за рудници од кои 22 за метални минерали и во тие концесии беше предвидено тие да се третираат со агресивни хемикалии. Концесиите најмногу беа на Југоистокот на Македонија. Евентуално, отворање на тие рудници за народот ќе значеше тотално уништување на животната средина. Огромни отровни хидро-јаловишта, а, буквално, целиот профит ќе си го собереа странските газди“, истакна Јанчев.
Тој посочи дека таквата постапка резултираше со народен бунт, со блокади, со локални референдуми, со негативни мислења во локалните самоуправи што придонесе постапките за отворање на рудниците засега да бидат спречени.
Според него голем дел од причината зошто е тоа така е сложеноста на процедурата која моментално е во Министерството за економија. Порад тоа, како што рече, „странците кои сакаа тука да прават пустош и на база на тој пустош да си прават мултимилионски профити, малку тешко се снаоѓаа во лавиринтите и ходниците на Министерството“.
„Со други зборови, сложеноста на процедурите и тоа што ова е под надлежност на Министерството за економија и е брана која делумно нè штити од овие рудници на смртта и е од народен интерес. Ама, наместо ова, ние сега имаме предлог – закон, во скратена постапка, кој предвидува едно цело ново специјално министерство за рударство и минерални суровини со цел да се олесни процедурата за овие рудници на смртта.”, рече Јанчев од собраниската говорница.
Од друга страна, во образложението на законските измени, предложени од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за новата влада, Христијан Мицкоски, се вели дека постојат три клучни причини за интервенции во надлежностите на министерствата.
„Прво, во моментов постојат нејаснотии при самата распределба на надлежности помеѓу министерствата, односно не постои јасна линија каде завршуваат ингеренциите на едно а каде започнуваат на друго министерство. Втора причина е што самата алокација на функции и нивното групирање во одредени органи не е рационално, односно постојат случаи каде повеќе несродни области се алоцирани во една институција. И трето, како дополнителен предизвик се јавува тоа што области кои во моментот се стратешки приоритети на државата, претставуваат клучни предизвици или се во фокусот на светската јавност не се соодветно пресликани во
институционалната рамка на државата, туку се организациски единици во рамки на одредени министерства“.
Според предлагачот, реорганизацијата на министерствата и другите органи на државната управа се врши со цел прилагодување на нивната работа на современите потреби на функционирањето на органите на државната управа, особено во смисла на поставување
на поголем фокус на работите во областите на енергетиката, минералните суровини,
рударството, како и на спортот.
„Во смисла на надлежностите, министерствата добиваат појасни надлежности, се разграничуваат испреплетените надлежности помеѓу постојните министерства и се овозможува простор да рамковното регулирање на органите на државната управа биде точно утврдено со материјални закони“, се вели во образложението на законските измени.
Јанчев од собраниската говорница исто така потсети дека сегашната ситуација со донесување системски закон по скратена постапка ја доживува како веќе видена (дежаву) ситуација.
„Се сеќавам како во 2014 година Трајко Вељановски на една седница стави 112 закони по скратена постапка и тогаш пратениците од СДСМ се бунеа, како тоа е противделовнички, како Собранието е направено гласачка машина… Потоа се смени власта, па тие се ‘пењавеа’ како скратената постапка и лепењето европско знаменце и тоа шверцување што го унапреди новата власт е противделовничко и против смислата на Собранието. Се сеќавам како професорката Силјановска, која беше тогаш пратеничка, му велеше на Заев како не се станува Европеец со носење закони по скратена постапка! И сега, дојдовме кога пак е ДПМНЕ на власт и уште на втората седница шверцува системски закон по скратена постапка“, рече Јанчев.
Со што ќе се занимава новото Министерство за енергетика:
Според донесените измени дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги врши
работите што се однесуваат на:
– енергетиката, енергетската политика и планирањето на развојот во областа на
електрична енергија,природен гас, нафта и деривати на нафта,топлотна енергија
и термални води, како и други видови на енергија и нивна експлоатација;
– снабдувањето со енергија;
– спроведувањето на постапки за селекција и именување на органите на
раководење, управување и надзор во правните лица од областа на енергетиката
во целосна или доминантна државна сопственост;
– стратегијата и политиката за енергетска безбедност;
– рационалната употреба на енергијата и енергетска ефикасност, обновливи
извори на енергија;
– координацијата на работата и реализација на енергетските инвестиции;
– рударството, стратегија и политика за развој на рударството;
– експлоатацијата на минерални суровини и геолошки ресурси;
– геолошките истражувања и истражувања поврзани со експлоатација на
минерални суровини;
– изработката на програма за истражувачки работи од областа на основните
геолошки истражувања поврзани со одржливото користење на ресурсите;
– надзорот од негова надлежност и
– врши други работи утврдени со закон.
(2) Во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е
Бирото за метрологија.
(3) Бирото за метрологија има својство на правно лице.