Ќе ги „испегла“ ли Отворен Балкан дисбалансите на пазарот на труд


 

На пазарот на труд во нашата земја постојат големи дисбаланси – за некои работни места има и по седумдесетина кандидати, а за други професии пак се бара „човек повеќе“. Од претстојното лето треба да сметаме на уште еден предизвик, кој што го носи Отворен Балкан и можноста да се најде вработување во трите земји на иницијативата, Северна Македонија, Србија и Албанија, без никакви пречки. Затоа се неопходни структурни промени, кои ќе придонесат сегашната состојба на пазарот на трудот и се позабележливата пасивизација, да се промени.

Овие предизвици кај нас, но и во Албанија и во Србија, денес беа тема на конференцијата „Регионална интеграција на пазарот на труд: Предизвици и можности од иницијативата Отворен Балкан и пристапувањето во ЕУ“, која ја организираше економскиот институт „Фајнанс тинк“, на која учесниците констатираа дека постои значителен позитивен јаз во понудата и побарувачката на високи вештини, особено кај правни и општествени стручњаци, и стручњаци за наука и инзенеринг, акако и недостиг на работници со ниски вештини. Затоа, како што беше посочено неопходна е доквалификација или преквалификација на работниц без занимање, активација на пасивната работна сила, како и реформи во образовниот систем, регионално насочување на странските директни инвестиции и теренски контроли на Државниот инспекторат на труд со цел да се сузбие сивата економија на пазарот на труд.

„Отворен Балкан е во функција на ЕУ, а не замена за ЕУ“, истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ во обраќањето на конференцијата додавајќи дека е регионалната иницијатива е забрзувач на нашата европска интеграција, одличен вовед за интегрирање на македонската економија во европскиот внатрешен пазар. 

Тој посочи дека следат реформи кои ќе мора да бидат структурни и темелни, доколку сакаме брзо да ги надминеме предизвиците со кои се соочува пазарот на трудот и да ги анулираме импликациите кои тоа ги остава врз македонската економија.

„Веќе е во тек реформата во образованието која со давање предност на стручните образовни занимања придонесува за неутрализација на јазовите кои се јавуваат на пазарот на трудот. Но, она на што е потребно повеќе да се работи е доквалификацијата на работната сила, подобри наставни програми и планско продуцирање на дефицитарните занимања“, рече Маричиќ.

Тој додаде дека цел и приоритет на Владата се покачувањето на платите, што според него, ќе игра голема улога во задржувањето на кадрите дома, особено од летово кога граѓаните од земјите на Отворен Балкан добиваат слободен пристап до пазарот на труд во Северна Македонија, Србија и Албанија.

„На овој начин расте конкуренцијата, компаниите се борат за подобри работници, работниците за подобри работни места и на тој начин се подобруваат условите за работа и растат платите. На природен начин, без големи интервенции од државата, односно по пат на создавање услови за слободен пазар на труд“, нагласи Маричиќ.

Извршната директорка на „Фајнанс тинк“, Благица Петрески, укажа на три аспекти коишто се потребни за проценување на ефектите од иницијативата Отворен Балкан на пазарот на труд, а тоа се, според неа, структурата на пазарот на труд, премиите за плата, како и подготвеноста за структурни промени.

„Нашата анализа точно идентификува какви се суфицитарните и дефицитарните јазови на пазарот на труд. Резултатите покажуваат дека имаме исклучително поларизирана состојба во поглед на суфицитарните и дефицитарните јазови, каде што од една страна има драстична понуда на невработени во однос на отворените работни места во споредба со дефицитарните јазови, а додека пак кај високите вештини доминираат суфицитарните јазови, каде што го постигнуваме максимумот. Па така, за едно работно место имаме дури 75 невработени лица. На друга страна ни се дефицитарните јазови каде што имаме недостиг од работници за скоро сите општи работници во повеќе занимања, меѓутоа и во делот на услужните сектори“, вели Петрески.

Од аспект на иницијативата на Отворен Балкан, како главни предности таа укажа на надополнувањето на недостигот на работници каде што има кусоци, со работници од соседните земји и региони, но предупреди и за ризиците во делот на дефицитарните занимања, каде што мобилноста е поголема.

„Севкупно како заклучок, клучните бенефити и од иницијативата Отворен Балкан и од вкупните пристапни преговори со Европската Унија, се ние да направиме структурни промени и системски решенија коишто ќе ги затворат овие јазови кои во моментот постојат на пазарот на труд“, истакна Петрески, додавајќи дека тие решенија се прилагодување на образовните политики, како и оневозможување на манипулација на системот.

Заменик министерот за финансии и економија на Албанија, Ендрит Узеирај, рече дека регионот има многу слични предизвици и многу слични потенцијали.

„Во Албанија може да се видат слични проблеми што беа спомнати. Сме виделе како најпродуктивните и најталентираните работници заминуваат претежно во западните европски земји каде што платите се повисоки. Затоа постои многу голема потреба во Албанија, верувам дека и во регионот, да се зголеми продуктивноста, да се подобрат типовите на бизниси кои ги привлекуваме во регионот за да бидеме поконкурентни и попривлечни за луѓето“, истакна Узеирај.

Михајло Гаиќ од српскиот Институт „Либек“ изјави дека Србија како најголема држава во регионот ја има најниската стапка на невработеност во последните години, но истакна дека и во оваа земја постојат јазови слични како во Северна Македонија, информирајќи дека неговата држава сега има голема потреба од ИТ специјалисти, но и лица коишто се специјализирани во секторот на туризмот, па дури и во градежништвото.

„Но, во исто време имаме и голем број странци коишто доаѓаат да работат во Србија, претежно од земјите како што се Куба, Таџикистан, Бангладеш и Индија во последните години. Ние треба да дискутираме за овие прашања за да го добиеме најголемиот можен повраток на интеграцијата на капацитетите земјите што се во процесот“, истакна Гаиќ.

Како дел од програмата, Деспина Туманоска од „Фајнанс тинк“ го презентираше истражувањето во однос реформите и состојбата околу овие прашања. Таа меѓу другото посочи дека во земјава на крајот на минатата година имало 112.730 невработени лица според евиденцијата на Агенцијата за вработување, како и 14.915 слободни работни места, што е осум пати помалку од бројот на невработените. Таа исто така нагласи дека станува збор за историски најмала стапка на невработени, но со многу неповолна структура – дури 70 илјади лица се без занимање, од кои голем број се без или со ниско образоване, додека околу 40 илјади лица имаат стекнато одредени вештини. Од нив најмногу има невработени со високи вештини, околу 24 илјади  Исто така и од аспект на образовната структура состојбите се неповолни, а загрижува што во последните години стагнира, па дури и се намалува бројот на вработени. 

„Во моментот бројот на невработени лица кои што се нискоквалификувани е најмал и изнесува околу 800 невработени лица. Од друга страна пак, побарувачката на работници со ниски вештини е најголема, речиси третина од вкупната побарувачка за работна сила е за ниско квалификувани работници, односно  елементарни работници или ракувачи на постројки и машини. Значи, од една страна се регистрирани 800 невработени лица со ниски вештини, а од друга страна се потребни 5.000 вакви работници“, рече Туманоска, која посочи дека ваквиот дисбаланс може да се поправи со доквалификација или преквалификација на дел од оние 70 илјади лица кои што се без стекнато занимање. 

Поголем дефицит се јавува кај ИТ занимањата каде што за секое слободно работно место недостигаат 24 работници. 

По презентација на истражувањето следуваше и панел дискусијата „Предизвици и можности од иницијативата Отворен Балкан и пристапувањето во ЕУ“.