Ќе дојдат ли министрите на ВМРО-ДПМНЕ на примопредавањето?
Иако е третпат како Македонија добива техничка влада, детските слабости манифестирани како терање политуички инат, судир место соработка и препукување околу нејзината работа и овојпат по се изгледа ќе бидат пропратен фолклор. Освен што најавија дека нема да ја гласаат како и дека нема да го гласаат Талат Џафери како технички премиер бидејќи одеднаш се сетија дека бил дезертер од ЈНА, ВМРО-ДПМНЕ си излезе од салата и не гласаше ни за министрите ни за замениците министри, иако има по три позиции.
ВМРО-ДПМНЕ продолжи на некој начин да ја бојкотира техничката Влада и на групната фотографија каде што на фотографијата ги нема министрите од оваа партија. Потоа, членовите на владата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не дојдоа ниту на приемот во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, со што вчерашниот ден го заокружија со бојкот на државниот орган во кој и самите тие учествуваат. За денеска пак се закажани примопредавања на функциите, па останува да се види дали кадрите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотираат и овие настани.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во меѓувреме и пред изборот на составот, најави дека работата на техничката влада ќе била „хорор“ и ќе имало „тегнење за коси“ во кабинетот, но по два дена се корегираше. Дали тој хорор што го најавува Мицкоски ќе значи силна опструкција и кавги од страна на членовите на Владата од ВМРО-ДПМНЕ или можеби ќе значи апститенција од работа и терање на паралелна агенда, останува да се види на првата владанина седница.
Скандали и инциденти имаше и во претходната техничка влада со ВМРО-ДПМНЕ во 2020 година. Тогаш техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи беше разрешена од функцијата откако пратениците утврдија дека го прекршила Уставот, а проблематично беше и однесувањето на Наќе Чулев како министер за надворешни работи.
И сега најодговорна и најтешка позиција ќе биде таа во МВР каде што на местото на Оливер Спасовски седна Панче Тошковски. Техничкиот министер нема одврзани раце да ја спроведе самостојно својата политика. Тошковски ќе може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во Министерството. Доколку постави нови раководители, тој има должност на предлог на дополнителниот заменик-министер, Митко Бојмацалиев да именува и нивни заменици.Тие двајца ќе имаат врзани потписи, односно доколку некој акт е потпишан само од едното лице, тој нема да биде важечки.Во случај на несогласување меѓу нив околу одредено правно, финансиско или кадровско прашање кое се однесува на организација на изборите, спорот во рок од 24 часа е должна да го реши Државната изборна комисија и таа одлука е конечна.
Главните критики на техничката влада за спроведување избори се дека до денот на гласање се блокираат државните институции, целиот фокус е ставен на политичкиот натпревар меѓу партиите, и несогласувањата меѓу министрите и дополнителнителните министри.
Со примопредавање на функцијата помеѓу досегашниот премиер Димитар Ковачевски и претседателот на новата преодна Влада, Талат Џафери, од денеска на Илинденска број 2 почнува првиот работен ден на техничката влада задолжена за спроведување на парламентарните избори.