Кисела Вода и Природнонаучниот музеј потпишаа Меморандум за соработка
Градоначалничката на општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска и директорот на Природонаучниот музеј, Ивица Заркадов, потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за унапредување на образованието за сите ученици од основните училишта на територијата на општината – информира денеска општинската прес-служба.
Со Меморандумот се поставува основа за организирани и континуирани едукативни активности во Музејот, со цел наставните содржини да им бидат поблиски, поинтересни и попрактични на учениците. Дополнително, соработката предвидува организирање стручни водства низ постојаните музејски поставки, тематски работилници согласно интересот на училиштата, како и предавања, презентации и практична настава со стручни лица и експерти од различни области во училиштата.
Општината посочува дека сите активности ќе се реализираат во согласност со наставните програми и по барање на училиштата, со цел теоретското знаење стекнато во училниците да добие своја практична примена.
– Овој Меморандум е важен чекор кон создавање современ и поквалитетен образовен процес кој овозможува учење преку директно искуство, истражување и практична работа. Ваквите партнерства во Општина Кисела Вода дава поддршка на проекти кои ги поттикнуваат младите да го истражуваат светот околу себе и да градат знаење како темел за нивната иднина – велат од општина Кисела Вода.