Кириите во Скопје паѓаат – Може да се најде стан и за 250 евра
Кириите во Скопје бележат пад и стануваат меѓу најниските во Европа, покажуваат анализите на пазарот за недвижности. Според експертите, клучна причина е големата понуда на станови, вклучително и околу 100.000 празни недвижности во државата, што ја зголемува конкуренцијата меѓу издавачите.
Во пракса, станови што првично се огласуваат за околу 400 евра месечно, често се издаваат и за 250 евра по неколку месеци. Агенциите за недвижности велат дека понудата е поголема од побарувачката во делови од Скопје, па сопствениците се принудени да ги намалуваат цените.
Според „Евростат“, Скопје е меѓу најевтините градови во Европа за кирија, со просек од околу 470 евра за двособен стан, далеку под западноевропските метрополи каде цените надминуваат 2.000 евра.
Експертите објаснуваат дека покрај новоградбите, влијание има и тоа што многу станови се купени како инвестиција, па сега се нудат на изнајмување. Сепак, иако кириите се ниски според европски стандарди, платите во Македонија остануваат ниски, па трошокот за домување за граѓаните сè уште е значаен.