Кинезите го преземаат најголемиот производител на полупроводници во Велика Британија


Кинеската компанија за производство на полупроводници „Некспирија“ (Nexperia) треба да ја преземе фабриката „Њупорт Вејфер Фаб“ (Newport Wafer Fab – NWF), најголемиот производител на чипови во Велика Британија, за околу 87 милиони долари следната недела, објави CNBC повикувајќи се на неименувани добро информирани извори.
Некспирија, холандска компанија која е 100 отсто сопственост на кинеската Вингтек Технологија, за американската ТВ станица изјави дека преговорите за аквизиција се во тек, пренесува Танјуг.

Фабриката за чипови NWF во Њупорт, Јужен Велс, основана во 1982 година, е во приватна сопственост и е една од ретките компании – производители на полупроводници во Велика Британија.

Некспирија треба да го објави преземањето веќе во понеделник или вторник, соопштија извори на CNBC.

„Ние сме во конструктивни преговори со раководството на NWF и владата на Велс за иднината на фабриката. Не можеме да коментираме понатаму додека не ги завршиме преговорите “, изјави портпаролот на Некспирија.

NWF и Wingtech Technology не одговорија веднаш на барањето на CNBC за коментар.

Преговорите доаѓаат во време на глобален недостиг на чипови, поради што многу земји се обидуваат да станат понезависни кога станува збор за производство на полупроводници. Денес чиповите најмногу се произведуваат во Азија, при што тајванскиот TSMC, јужнокорејскиот Samsung и кинескиот SMIC се меѓу најголемите производители во светот.

Том Тугендхат, шеф на истражувачкиот тим на британската влада за Кина и претседател на Комитетот за надворешни работи, во писмото испратено во јуни до Квази Квартенг, министерот за деловен сектор во Велика Британија, вели дека е загрижен за потенцијалното преземање на NWF.

„Морам да повторам дека преземањето на водечката фабрика за развој и обработка на силициум во Велика Британија и технологија за полупроводници претставува значителна закана за економската и националната безбедност според мене“, рече Тугендхат, се додава во прилогот на американската ТВ станица.