Кинезите го освојуваат рускиот автомобилски пазар по заминувањето на западните ривали


Кинеските марки на автомобили сочинуваат речиси една третина од рускиот автомобилски пазар, пренесува Ројтерс.

Податоците што ги сподели британската агенција на Интернет значат дека овој сектор е повеќе од кој било друг изложен на зголеменото влијание на Кина врз руската економија по егзодусот на западните компании, се наведува во текстот.

Продажбата на нови патнички и лесни комерцијални возила (LCV) во Русија опадна за околу 61 отсто на годишно ниво, бидејќи западните санкции против Москва го ограничуваат пристапот на руските компании до некои материјали, а падот на побарувачката и високите цени дополнително го оптоваруваат секторот.

Сепак, продажбата на патнички автомобили од кинеските марки, вклучувајќи ги Haval, Chery и Geely, скокна на 16.138 единици во ноември, што е речиси двојно од 8.235 единици во јануари, при што нивниот пазарен удел се зголеми на 31,3 отсто од 9,6 отсто, покажуваат податоците на руските аналитичари на агенција Autostat.

Продажбата на нови патнички и лесни камиони во Русија во ноември изнесувала 46.403 единици, објави Асоцијацијата на европските претпријатија (АЕБ), а вкупната продажба оваа година треба да достигне околу 600.000 единици.

„Производството на западни марки на автомобили е мало, а увозот е исто така мал, така што пазарот е поделен меѓу руската и кинеската автомобилска индустрија“, изјави рускиот авто-аналитичар Владимир Беспалов за Ројтерс.

Руските производители го држат сегментот на поевтини автомобили со цени од околу 1,5 милиони рубљи (23.961 долари), а Кинезите ја освојуваат пазарната ниша со цени над 2,5 милиони рубљи (40.000 долари), што го држеле западните компании кои престанале да работат или заминале по нападот Русија до Украина.