Кина забележа пад на БДП во првиот квартал, прв пат во 30 години


Властите во Пекинг се соочуваат со тешка битка за заживување на растот и запирање на огромните загуби на работни места, бидејќи глобалното ширење на вирусот ја уништува побарувачката од најголемите трговски партнери на Кина, а се намалува и локалната потрошувачка

Бруто домашниот производ (БДП) падна за 6,8 отсто во првиот квартал годинава, мерено на годишно ниво, покажаа официјалните податоци во петокот

 

Кинеската економија во периодот јануари – март годинава забележа намалување на домашниот бруто производ, за прв пат во досегашното тридецениско официјално презентирање на овој показател. Ова е последица на епидемијата со корона вирусот, поради што беа затворени фабриките и трговските центри, а милиони луѓе не одеа на работа.

Бруто домашниот производ (БДП) падна за 6,8 отсто во првиот квартал годинава, мерено на годишно ниво, покажаа официјалните податоци во петокот. Падот е нешто поголем од прогнозата од 6,5 отсто колку што очекуваа аналитичарите. Според нив во четвриот квартал годинава кинеската економија ќе се врати на патот на растот кога се очекува пораст на БДП од 6 отсто.

Како што објави Ројтерс, ова е прва контракција на втората по големина економија во светот по 1992 година кога започнаа официјалните квартални записи за растот на БДП.

Податоците сугерират дека даночните и кредитните олеснувања за фирмите погодени од корона – кризата помогнаа во рестартирање на делови од економијата која што беше затворена од февруари.

Сепак, аналитичарите велат дека властите во Пекинг се соочуваат со тешка битка за заживување на растот и запирање на огромните загуби на работни места, бидејќи глобалното ширење на вирусот ја уништува побарувачката од најголемите трговски партнери на Кина, а се намалува и локалната потрошувачка.

„Податоците за БДП од првиот квартал сè уште се во голема мерка во рамките на очекувањата, како одраз на цената од економскиот застој кога целото општество беше под клуч“, велат од Индустриската банка во Шангај.

„Во текот на следната фаза, загрижувачки ќе биде недостигот на вкупната побарувачка. Домашната побарувачка не е целосно обновена бидејќи потрошувачката поврзана со социјалните собири сè уште е забранета, додека надворешната побарувачка веројатно ќе биде погодена како што се шири пандемијата“.

Споредено квартал со квартал, БДП во првите три месеци годинава падна за 9,8 отсто, соопшти Националното биро за статистика, што е само малку под очекуваните 9,9 отсто и споредено со растот од 1,5 отсто во претходниот квартал, пишува Ројтерс.

Портпаролот на бирото за статистика, Мао Шенгионг, на брифинг за новинарите по објавување на податоците изјави дека економските перформанси на Кина во вториот квартал се очекува да бидат многу подобри отколку во првите три месеци.

Сепак, послабата домашна потрошувачка, која беше најголем двигател на растот, останува загрижувачка, бидејќи приходите забавуваат, а остатокот од светот паѓа во рецесија.

Расположливиот приход по жител во првиот квартал, по прилагодувањето со инфлацијата, падна за 3,9 отсто во спредба со претходната година, покажуваат податоците.

Според висок економист од „Глобал маркетс“ со седиште во Хонг Конг, вториот квартал би можел исто така да биде понизок од очекувањата.

Eкономскиот раст на Кина во 2020 година се очекува да биде 2,5 отсто, што е најбавно годишно темпо во изминатите речиси 50 години

„За да се компензира слабоста во надворешната побарувачка, ќе биде потребна одредена поддршка од политиката подоцна овој месец или во почетокот на мај“, го цитира Ројтерс.

Индустриското производство во март, во однос на претходната година, падна помалку од очекуваните 1,1 отсто. Како и да е, предизвиците во потрошувачката се големи што се гледа и во падот на малопродажбата од 15,8 отсто, повеќе од очекуваното.

Влијание на пандемијата

Прогнозите на економистите за БДП во првиот квартал беа различни со оглед на многуте неизвесности околу економското и социјалното влијание на пандемијата во Кина.

Вирусот зарази повеќе од 2 милиони луѓе на глобално ниво и уби повеќе од 140.000. Кина, каде што вирусот се појави прв пат, објави повеќе од 3.000 смртни случаи.

Најголема грижа за креаторите на политиките е социјалната стабилност меѓу нејзините 1,4 милијарди граѓани, од кои милиони луѓе секоја година мигрираат од руралните области во градовите за да најдат работа.

Стапката на невработеност во градовите падна на 5,9 отсто во март од 6,2 отсто во февруари, што укажува дека проблемите на пазарот на трудот допрва ќе се одразат во официјалните показатели.

Како и да е, аналитичарите предупредуваат на речиси 30 милиони загубени работни места оваа година како резултат на затворањето на фабриките и намалувањето на глобалната побарувачка, надминувајќи ги повеќе од 20-те милиони отпуштања забележани за време на финансиската криза во 2008-09 година.

Пакет за помош

Кинескитет лидери кои се загрижени за стабилноста на земјата ветија повеќе чекори за борба против падот во економијата, но се свесни за научените лекции во 2008-09 година, кога масивните стимули значајно го зголемија долгот.

Минатиот месец, политбирото на владејачката Комунистичка партија соопшти дека разгледува мерки како што се обврзници на локалната самоуправа и државни обврзници.

„Очекуваме Пекинг наскоро да испорача голем пакет на стимули со кои ќе се бори против најтешката рецесија во последните децении, при што најголемиот дел од финансиите ќе бидат обезбедени од Народната банка на Кина“, вели главниот економист во Номура.

Кинеската централна банка веќе ја олабави монетарната политика за да помогне да се ослободат кредити за економијата, но олеснувањето досега беше помалку агресивно отколку за време на глобалната финансиска криза.

Владата, исто така, ќе се потпира на фискални стимули за поттикнување на инвестиции во инфраструктурата и потрошувачката, што би можело да го зголеми дефицитот на буџетот за 2020 година на рекордно високо ниво.

Анкетата на Ројтерс од ова недела, покажа дека економскиот раст на Кина во 2020 година се очекува да биде 2,5 отсто, што е најбавно годишно темпо во изминатите речиси 50 години.