Кина останува најголема закана за САД, покажува американски разузнавачки извештај


Вашингтон, 25 март 2025 (МИА) – Кина останува најголемата воена и кибер-закана за САД, се наведува во денеска објавениот извештај на американските разузнавачки служби.

Според Годишната проценка на заканите на американската разузнавачка заедница, Кина има капацитет да нападне САД со конвенционално оружје, да ја компромитира американската инфраструктура преку кибер-напади, да ги насочи своите капацитети во вселената и да ги надмине САД како водечка сила во областа на вештачката интелигенција до 2030 година.

Во извештајот се посочува дека Русија, заедно со Иран, Северна Кореја и Кина, води намерни кампањи за да го предизвика Вашингтон. Војната на Москва во Украина ѝ овозможила на Русија „многубројни лекции во однос на борбата против западното оружје и разузнавачките системи во широкораспространета војна“.