Казната на Агрокор намалена од 53 на еден милион евра
Словенија – Вишиот суд во Љубљана ја намали казната што словенечкиот регулатор за пазарна конкуренција (АВК) лани ја изрече на хрватската компанија Агрокор од 53,5 милиони евра на само еден милион, јавуваат денеска словенечките медиуми.
Со тоа се отвора можноста за деблокирање на запленетите акции на „Агрокор“ во словенечкиот трговски ланец „Меркатор“, што овозможува нивно пренесување од хрватскиот концерн во новата група „Фортенова“, се наведува во образложението што го пренесе љубљанскиот весник „Дневник“.
На крајот на минатата година, поради непријавена набавка на помала фабрика за флаширање Костела, од времето кога концернот го водеше Ивица Тодориќ, АВК му изрече казна од 53,5 милиони евра на Агрокор и ги заплени неговите акции во Меркатор за да обезбеди исплата на глобата.
На одлуката на АВК за парична казна од 53,5 милиони евра Агрокор поднесе жалба до Вишиот суд, кој одлучи дека Агрокор е должен да плати „само“ еден милион евра , пишува„ Дневник “, повикувајќи се на неофицијални извори.
АВК нема право да поднесе жалба против ваквата одлука на Вишиот суд, пренесува Хина.