„Катимерини“: Атина ја чека прво заклетвата на Силјановска

Секој потег на новите власти во Скопје ќе се следи многу внимателно, вели и шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис


Гордана Силјановска на прес-конференцијата по нејзината победа (Фото: ЕПА)

 

Атина внимателно го очекува однесувањето на новите власти во Скопје околу почитувањето на Преспанскиот договор и уште сега го калибрира својот одговор доколку е нарушен, особено при употребата на името Северна Македонија.

Во два авторски текста во „Катимерини“, весник близок до владејачката Нова демократија, се наведува дека Атина ја чека заклетвата на новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова да види како ќе ја нарече државата, а потоа и програмските определби на новата влада.

Доколку новите власти во Македонија скршнат од патот на Преспанскиот договор прво се очекува дипломатска реакција, а потоа можеби и друга, особено што ова е предизборен период во Грција поради европските избори па поради настаните со новите македонски власти грчката влада да биде силно притисната.

Во првиот текст на одличниот познавач на регионот и на грчко-македонските односи, Ставрос Ѕимас, се поставува прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ „мутирала во проевропска политичка организација од десниот центар или ќе продолжи по патот на национал-популизмот и авторитарното владеење на сега бегалецот поранешен лидер и премиер, Никола Груевски.

Нејзините идеолошки координати се чини дека не се променети. Одбраната на неизвалканата идеологија на ‘македонизмот’ сè уште е столбот на постоењето на партијата, како и нејзината декларирана проевропска, прозападна ориентација – оттука и нејзините блиски односи со германската ЦДУ и Европската народна партија.

Што се однесува до бугарската ‘утроба’ од која дојде на свет во минатиот век, односите не само што пукнаа, туку со текот на времето станаа непријателски, а денешното ВМРО-ДПМНЕ ‘мајчинската прегратка’ ја смета за закана“, пишува Ѕимас.

Понатаму во текстот се додава:

„Денешната реалност е далеку од ерата на Груевски на сите нивоа на Балканот, а правилата на игра се поставени врз основа на геополитички баланси.

Како владата на Мицкоски ќе ја практикува власта во таков амбиент, ќе се види од приоритетите што ќе ги постави. Иселениците зад себе оставаат земја заглавена во корупција, непотизам и кронизам, но и два меѓудржавни договори, со Грција и Бугарија, за кои НАТО и ЕУ аплаудираа, но ВМРО како опозиција ги анатемисаше, предизборно имплицирајќи дека ако не може да ги укине, ќе ги ‘приземји’.

Дали ќе се обиде? Се разбира, сојузниците го предупредија да не ги допира.

Посебно во однос на договорот од Преспа, не е исклучено Мицкоски, во зашеметеноста на победата, како и новоизбраната претседателка на Републиката, Гордана Силјановска, во своите први изјави да го слават обичното име Македонија, без ‘Северна’ што е ставено во Уставот и пошироко.

Сепак, тие знаат дека, барем на официјално ниво, Атина не прифаќа неупотреба на уставното име Северна Македонија ниту на внатрешен план и им е кажано дека грчката влада ќе реагира на начин што нема да биде во интерес на новото раководство во Скопје“.

Ѕимас уште пишува дека Грција е во шпицот на предизборниот период и партиите ќе побрзаат да ѝ припишат на владата на Мицотакис малодушност и отстапки кон ВМРО-ДПМНЕ доколку не одговори со високи тонови на можните „предизвици“.

Во вториот текст на дипломатскиот уредник на „Катимерини“, Василис Недос, се наведува дека за Атина не е „гром од ведро небо нагорниот тренд на националистичките сили претставени од ВМРО-ДПМНЕ, преку изборот на новата, прва претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска, како и очекуваната влада под истата партија“.

Недос пишува дека ако и Силјановска и Христијан Мицкоски постојано се закануваа дека нема да го спроведуваат Договорот од Преспа и дека ќе одбијат да ја користат географската одредница, во Атина се забележува став на чекање за сите официјалните настани што ќе следат.

„Сценарија на реакција доколку се остварат заканите за јавна употреба на терминот Македонија наместо Северна Македонија предвидени во Договорот од Преспа.

Најпрво се очекува заклетвата на новата претседателка потоа процесите за формирање влада, преговорите меѓу партиите од коалицијата што ќе произлезат и на крајот програмските изјави. Сето ова, секако, внимателно ќе го следи Атина.

Во случај да се остварат заканите за јавна употреба на терминот Македонија наместо правилниот Северна Македонија, тогаш Атина првично ќе реагира на соодветен начин, преку дипломатски мерки, пред да продолжи со понатамошни дејствија. Се потсетува дека веќе има реакција од Атина во врска со фактот дека три месеци по завршувањето на преодниот рок (23 февруари) за замена на јавните документи во земјата (патни исправи, материјал од јавната администрација, лични карти, возачки дозволи, и сл.) со правните кои го наведуваат националното и меѓународно признатото име на државата, процесот се одвива со бавно темпо.

Ваквиот развој на настаните секако го оправдува сомнежот на Атина, што доведе до одлуката да се одложи ратификацијата од страна на грчкиот парламент на трите меморандуми за соработка (прашања за евроинтеграции, воени и економски) предвидени со договорот од Преспа. Јасно е дека Атина не сака повторно оживување на проблемите на Балканот, кои досега се сметаа за под контрола, поради што секој потег во Скопје ќе се следи многу внимателно“, пишува „Катимерини“.

Грчкиот шеф на дипломатијата, Јоргос Герапетритис, изрази надеж дека дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да направи промени во надворешната политика, но и дека земјата ќе го продолжи својот европски пат.

Во интервјуто за Радио Скај Герапетритис рече дека одблиску го следат развојот на настаните и посочи дека се подготвени за сите сценарија.

„Се надевам дека нема да има промена во надворешната политика, но и во внатрешните теми на Северна Македонија. Имаме убедлива победа на ВМРО. Нивната предизборна агенда беше фокусирана и на прашањето со Договорот од Преспа и за тоа колку Договорот од Преспа претставува достоинствено решение за граѓаните на Северна Македонија. За овој случај сакам да го кажам следново: Нова демократија како опозиција ги покрена сивите точки од Договорот. Од друга страна, со доаѓањето на власт имаме и политичка и правна обврска не само да го почитуваме Договорот од Преспа, туку да се погрижиме да има и негово доследно спроведување, нешто што се заснова на самиот наш Устав“, објасни Герапетритис.

Тој додаде дека договорите што се ратификуваат од парламентите „преовладуваат над секоја спротивна одредба од законот“, што според него, практично значи дека „што и да сака Грција, што и да сака Северна Македонија, не можат еднострано да го изменат Договорот од Преспа“.

„Односно, не може да дојде внатрешен закон и да го ревидира или поништи Договорот. Значи сите сме должни да се придржуваме до договореното. Иако предизборно навистина постоеја одредени реторики, јас чувствувам дека климата нема да биде нарушена и од дополнителна причина што Договорот од Преспа претставува формален предуслов за интегративниот пат на Северна Македонија кон Европската унија, нешто што мислам дека не се оспорува како главна цел на соседната земја“, истакна шефот на грчката дипломатија.

Според него, за Македонија големиот проблем што постои сега, не е толку прашањето со Грција и Договорот од Преспа, колку што е во главно прашањето со Бугарија.

„Вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот, исто како и Договорот од Преспа претставува предуслов за напредокот на интегративните процеси, па во овој момент Северна Македонија со новата влада и новата претседателка ќе се најдат пред важни дилеми. Моето верување и надеж е дека соседната земја ќе го продолжи нејзиниот европски пат и нема да имаме оживување на национализам и проблеми од минатото“, нагласи Герапетритис. (Н.В.)