Касами и Таравари му делат лекции на Максим Димитриевски


 

Градоначалникот на Тетово и претседател на Беса, Билал Касами, му возврати на на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, околу неговата изјава за употребата на албанското знаме. Касами вели дека Димитриевски немало зошто да зборува на таа тема. 

„Не е Димитриевски кој одредува кога и како ќе се користи националното знаме. Посакуваме коалицискиот партнер, во случајов претседателот на ЗНАМ, да излезе од предизборната реторика и да разбере дека сега сме дел од власта и мора да работиме за доброто на граѓаните. Ние како граѓани Албанци на оваа држава ги почитуваме и поддржуваме граѓаните на македонската заедница во заштитата на нивниот идентитет, а истото го очекуваме и од македонските граѓани да ги поддржат Албанците во заштитата на нивниот идентитет. Националното знаме е важен сегмент од ова“, рече Касами.

Максим Димитриевски претходно изјави дека неговата партија ќе ја напушти Владата ако во владините кабинети на министрите Албанци од коалицијата „Вреди“ продолжи да се користи знамето на Албанија.

На Димитриевски ву одговори и министерот за здравство Арбен Таравари. Тој смета дека лидерот на ЗНАМ сѐ уште е во изборна еуфорија и дека албанското знаме не треба никому да пречи, со оглед дека е официјално и за тоа не треба да се разговара.

„Додека Максим Димитриевски е во изборна еуфорија, употребата на албанското знаме е официјална и не може никому да му пречи. Ако тоа е причината за напуштање на владата, тој мора да одлучи – рече Таравари во емисијата „Дејли клик“.Според него, Димитриевски доби гласови и од Албанци кога беше избран за градоначалник на општина Куманово.

„Пак ќе има избори и ќе ја смени реториката. Вчера кружеа фотографии на кои се гледа дека во неговиот кабинет има албанско знаме. Мислам дека тоа е повеќе популизам отколку сериозност“, рече Таравари.