„Картографија на просторното насилство“ – уметничка интервенција на фасадата на Операта
Авторите Тихомир Топузовски и Кумјана Новакова вечер во 21.30 часот на фасадата на Националната опера и балет ќе направат привремена уметничка интервенција. Проектот е насловен „Картографија на просторното насилство (Случај на градот Скопје)”.
Според авторите, проектот е фокусиран на просторното насилство и прикажува како „репрезентациите и констелациите на моќта се отелотворени во архитектурата и урбаните простори“.
– Во конкретниот случај, проектот преку визуелна методологија и користење картограм го прикажува просторното насилство во централниот дел на градот Скопје, на тој начин преиспитувајќи го односот помеѓу материјалноста на урбаните простори, згради, споменици, обележја и спектарот на нематеријални процеси, односно симболичките, етничките и социјалните.
Реализиран како привремена уметничка интервенција на фасадата на Националната опера и балет овој проект создава дополнителна интеракција осмислувајќи нови значења и разбирање на политички обележаните простори, наведуваат авторите кои проектот го реализираат во соработка со Глигор Постолски, Дрен Невзати и Индрит Османи.