Каракачанов соопшти три точки што Софија ги бара како анекс на Договорот
Красимир Каракачанов изјави дека Софија повеќе сакала од самата Македонија да стане членка на ЕУ
Лидерот на бугарското ВМРО и потпретседател на владата, Красимир Каракачанов, денеска објави три точки што Софија бара да бидат ставени во анекс на Договорот за добрососедство за да може да биде тргната блокадата на Бугарија.
Според него, тоа се: решавање на историските спорови, промена на учебниците по историја и откажување на претензиите за малцинството.
Каракачанов тоа го изјави во емисија на Бугарската телевизија. Тој рече дека „не се уморив 30 години да повторувам дека добрите односи меѓу Бугарија и македонија не смеат да бидат на сметка на бугарскиот идентитет, достоинството и интересите“.
Тој уште парадоксално додаде: „Ние, за разлика од Македонија, јавно повеќе сакаме таа да биде дел од Европската унија“.
Каракачанов повтори дека терминот „Република Северна Македонија“ треба да се однесува само на територијата на сегашниот политички иднетитет, а не и на териториите на соседните држави.
Покрај тоа, Каракачанов ги повтори истите тврдења за крадење на бугарската историја и култивирање на омраза спрема Бугарија. „Повеќе држави на ЕУ, наши партнери, не може да бараат од земја-членка да се откаже од нејзините национални интереси во корист на земја кандидат. Таков парадокс нема никаде во светот“, рече Каракачанов.