Каракачанов прашува: Како „чистокрвната Македонка“ Солза Грчева родила син Бугарин?


 

Красимир Каракачанов од бугарското ВМРО му постави неколку прашања на кандидатот за општински советник од ПП-ДБ во Софија, Андреј Зографски.

„Мислите ли дека Бугарите се фашисти и татари? Дали Бугарија е фашистички окупатор на Македонија? Дали има македонско малцинство во Бугарија и дали Бугарија треба да го признае? Откако во 2019 година добивте бугарско државјанство, дали се уште сте државјанин на Република Македонија?“, прашува Каракачанов.

Според Каракачанов мајка на Зографски е Солза Грчева, македонска политичарка и  поранешен пратеник во македонскиот парламент позната по своите жестоки позиции против Бугарија. Според неа, таа самата е „чистокрвна Македонка“ и нема никаква врска со Бугарија.

„Како може чистокрвна Македонка да роди Бугарин? Како мајката води жестока антибугарска кампања во Скопје, а синот тивко се намести да владее со Софија“, прашува Красимир Каракачанов.

Тој е убеден во правото на бугарските гласачи на информиран избор. Затоа го повика кандидатот Зографски да одговори на прашањата.

„Ваша должност е како кандидат за јавна функција да дадете какви било информации за вашите верувања и ставови. Не еднаш граѓаните на Македонија бараат бугарско државјанство и го добиваат, но наместо да и бидат благодарни на Бугарија, тие ја клеветат и навредуваат својата вистинска татковина“, пишува Каракачанов.

 

Андреј Зографски, син на експратеничката и лидерка на партијата „Глас за Македонија“, Солза Грчева, е кандидат за член во Советот на Софија на коалицијата ПП-ДП.  Тој зборува  течно на бугарски, дава телевизиски интервјуа, активен е и со политичката пропаганда. Синот на Грчева објавил дека живее во Софија, а дека е родум од Скопје. Од објавените фотографии може да се заклучи дека имал став и за македонската политика, односно дека бил контра политиките на Никола Груевски. Од тоа што е јавно достапно, Зографски нема пишано ниту збор против навредите кои доаѓаа од Бугарија кон Македонија, ниту ја коментира актуелната политичка состојба помеѓу двете земји. (Днес.бг)