Каракачан(ов) ќе вакцинира само Бугари
ЕРОЛ РИЗАОВ
Ова е таа бугарска хуманост и изливи на братска љубов. Ако си благонадежен Бугарин за тебе ќе има вакцина „каракачанка“ ако не си оди кај Заев и Мицкоски тие нека те вакцинираат
Многу саканиот во Македонија бугарски вицепремиер и министер за одбрана со словенско и турско име и презиме кои имаат многу интересно етимиолошко потекло, им даде прв во светот на вакцините против Ковид-19 национално и идентитетско обележје. Kрасимир Каракачан(ов) ќе ги вакцинира со „бугарски“ вакцини бесплатно само Бугарите по потекло и по род кои живеат надвор од Бугарија во Молдавија, во Украина и, разбира се, во Македонија.
Ова е таа бугарска хуманост и изливи на братска љубов. Ако си благонадежен Бугарин за тебе ќе има вакцина, ако не си, оди кај Заев и Мицкоски тие нека те вакцинираат. Што да ви кажам, овој човек од 19. век е министер во втората декада на 21 век во земја-членка на ЕУ, а себеси се нарекува бугарски Европеец.
И кај нас во Македонија имаше срамни изјави во врска со потеклото и идентитетот, некои се препознаваа дека личат на Александар Македонски, на татко му Филип, ама ваква глупост од планетарни димензии да се дава национален предзнак на вакцина сѐ уште не сме слушнале нигде на дуњава.
Никогаш не сум се бавел со изјавите на Каракачан(ов) оти совршено ми е јасно за ефектите кои сака да ги постигне со неговите провокации, а за жал ги постигнува и во Македонија и во Бугарија. Потоа заедно со колешката му Екатерина Захариева ги архивираат тие реакции и ги праќаат во Брисел за да докажат некаков јазик на омраза во Македонија, сметајќи на тоа дека администрацијата во Брисел не ги следи многу ревносно провокациите и медиумите на Балканот.
Многу кажува за бугарската демократија и високата политичка култура и фактот што овој политичар кој живее и работи за остварување на реконструкција на Бугарија од пред два века, што има доволно свои приврзаници и гласачи кои му даваат мандат да биде јазиче на кантарот во владата и во парламентот.
Каракачанов е вицепремиер и министер за одбрана кој успешно ја брани Бугарија од опасната нуклеарна комунистичка велесила Македонија, која има територијални претензии кон источниот сосед. Тоа најмногу му успева со тоа што држи огнени и ептен патриотски говори, како да е во Солун во тајната ќелија на ВМРО.
Ете и еден ваков анахронизам поминува на Балканите како алва кај гладните за ревизија на историјата, ако може најдобро од Јешил Ќој (Сан Стефано) од 3 март 1878 година, ако не може барем враќање на бугарската администрација и војска во ослободена Македонија од 1941 година до 1944 година.
Е, па добро, тогаш вакцините како донација од Бугарија со идентитетска спасоносна содржина да ги нарачеме „каракачанки“ и со ова „цепиво“ да се боцкаат само тие кои имаат бугарски пашапорт. Другите ќе почакаат. Време е на нашиот пријател и брат да му се заблагодариме и идентитетските вакцини да не ги праќа во Македонија. Оти може со протекција да ја прими и некој што не се чувствува како Бугарин. Ако вакцините не се само за Бугарите во Македонија тие можат да бидат многу опасни. Замисли ти удрат една „каракачанка“ и од утре стануваш Бугарин. Тоа може да биде многу трауматично. Јас претпочитам да добијам американска, или германска вакцина и онака имам неколкукратен идентитет. Одамна сум имун на идентитетски епидемии. Галиба нема уште нешто да промашам.