Караџовски: Британскиот сој е чудовиште, напаѓа сѐ во организмот


Според првиот човек на Комисијата за заразни болести, инкубацијата од британскиот сој трае многу кратко, од 3 до 5 дена. А следната недела е клучна за борбата против него во овој вирусен циклус

 

Претседателот на Комисијата за заразени болести, доктор Жарко Караџовски, вечерва изјави дека британскиот сој на корона вирусот е вистинско „чудовиште“, дека е многу опасен, многу брзо се шири и за кратко време предизвикува тешки компликации.

„Овој британски сој е меѓу 50 до 70 отсто присутен кај нас. Во 24-48 часа се започнува клиничка слика која навидум е лесна, но за нецели три дена се развива воспаление на белите дробови и тешка комликација. На оние кои се позитивни мора да им кажеме дека клиничката слика може да се појави нагло, со многи потешка компликација. Прво на белите дробови, па на глава, оштетување на срцето, црниот дроб и бубрезите, згрутчување на крвта… Мултисистемско зафаќање од нешто, што ќе го наречам чудовиште. Не можеш да предвидиш кога и кај кого ќе се појави. Ние навидум сите изгледаме здраво, но не знаеме какво ни е срцето, крвните садови… Заради британскиот сој имаме многу побрзо ширење и со потешки симптоми“, рече  Караџовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

Според него, се променило и времето на инкубација. Ако претходно беше 14 дена, сега инкубацијата е 3 до 5 дена, тврди Караџовски.

Тој даде објаснување зошто наеднаш дошло до ваков нагол пораст на инфекциите:
„Имавме осмомартовски забави со непочитување мерки, сите видовме многу фотографии од многу прослави. Имавме перидов летни одмори на многумина, луѓето патуваат во далечни држави како да нема вирус, ама сите тие се враќаат назад, и може да ни донесат сешто. Секој одговара за себе, не е добро да се патува во моментов, исто како што не е добро да се групираме. Едноставни се мерките, носете маска, држете дистанца, правете дезинфекција на раце и многу важно, не се групирајте“, порача Жарко Караџовски.
 

Според него, сѐ уште не сме го достигнале максимумот. „Секој респираторен вирус ја има својата активност шест до осум недели. Во моментот сме на крајот на шестата недела. Круцијална е седмата недела во делот на заболени, хоспитализирани, умрени и болнички кревети“, рече Караџовски.