Канскиот фестивал ги здружи филмските институции на Грција и Северна Македонија


На македонскиот штанд на Канскиот филмски фестивал се сретнаа директорот на грчкиот Филмски центар, Василис Космопулос и директорот на Агенција за филм на Северна Македонија, Горјан Тозија, што претставува историска средба бидеќи е прв официјален состанок на челните луѓе на овие две филмски институции од двете земји.

На состанокот беше посочено дека поскоро треба да се започне со заедничка соработка со цел да се надомести изгубеното време во последните 20 години. Директорите разговараа за конкретни проекти и иницијативи и договорен е календар на активности кои се очекува да започнат со реализација во следните два месеци.

-Оваа средба е од историско значење, и уште еднаш се докажа дека јазикот на уметноста и размената на идеи од културата се придобивка и за самите земји и со тоа воопшто за севкупната европска и светска култура. Филмската уметност не е условена од политичките туку од креативните национални кодови а тој јазик е универзален и разбирлив за сите. Се надевам дека со Космопулос ќе го надоместиме загубеното време и ќе реализираме плодни соработки и успешни филмови, изјави Тозија по средбата.

Космопулос го посети македонскиот штанд и сподели искрени честитки за нашиот прием во Европската асоцијација на филмски агенции – EFADs. Оваа средба се случи по приемот на Агенцијата за филм во Европската асоцијација на филмски агенции EFAD’s која исто така се одржа за време на Канскиот филмски фестивал.

Јакнење на филмскиот потенцијал, регулирање на авторските права и борба против пиратеријата, негување на филмското образование и ширење на филмската продукција, филмското наследство и филмската уметност како целина за да бидат достапни до поширок аудиториум се основните придобивки од членството на нашата Агенцијата за филм во Европската асоцијација на филмски агенции EFAD’s.

Одлуката за прием во оваа многу значајна асоцијација беше донесена по повеќечасовен состанок на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија со челните луѓе на EFAD’s.

– Како земја која не само географски, историски, туку и културолошки е близу до Европа и европските вредности, нашата соработка со европската индустрија во континуитет резултира со квалитетни филмски проекти и голем број копродукции, заеднички поддржани како од европските фондови, како што е „Еуримаж“, така и од нашата Агенција. Северна Македонија е земја со културна разновидност, и ова е голема предност која, исто така, се одразува и во нашиот филмски резултат. Силно веруваме дека Агенцијата за филм на Северна Македонија во голема мера ќе има корист од своето членство во мрежата на EFAD’s, што придонесува за актуелизација на европските политики и иницијативи, фокусирајќи се на промоцијата и дистрибуцијата на европските дела и предизвиците на европската филмска индустрија. Приклучувањето кон здружението ќе ни овозможи размена на информации, споделување на искуства и зајакнување на нашите заеднички цели, преку таргетирање на клучни прашања од важност за европската аудиовизуелна и филмска индустрија..Се надевам дека нашата соработка ќе овозможи поголема видливост и поинтензивна соработка во наредните години, изјави Тозија по состанокот со EFAD’s.

EFAD’s го претставува гласот на европските филмски агенции и брои 33 филмски организации од европскиот континент, бројка која од година во година расте, додека одборот на EFADs е составен од претставници на 12 земји.

EFADs имаат три работни групи посветени на филмот во дигиталното доба, авторските права борбата против пиратеријата и филмското образование

Значајно е да се потенцира дека ова е огромен и значаен успех на Агенцијата. Агенцијата станува член на EFAD’s, а тоа е статус резервиран за сите филмски агенции и центри од земјите членки на EУ. Овој статус ќе и овозможи на Агенцијата да учествува во сите активности во организација на оваа асоцијација и гарантира делумно право на глас.

Основна цел на европските филмски агенции е промоција на европскиот филм на различни формати и платформи. Мисијата на EFAD’s е да овозможи на локалните култури и различни јазични заедници да ги претстават своите приказни на големото платно и да создадат моќни, културно експресивни филмови чија цел е да допрат до публиката. EFAD’s се залага за промоција на филмската писменост и за развој на филмска култура и за поддршка на слободата на изразувањето, како би овозможиле филмската продукција, филмското наследство и филмската уметност како целина да бидат достапни до поширок аудиториум.

Освен оваа исклучително значајна информација, за време на Канскиот филмски фестивал не израдува и одличната реакција по премиерата на краткометражниот филм на Елонора Венинова „The Sign“на програмата Cannes Directors, што дополнително го сврте вниманието кон македонскиот филм во Кан. На филмскиот маркет имаше проекција на филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“ во режија на Куштим Бектеши, копродукција меѓу Македонија, Косово и Албанија. Исто така на филмскиот маркет беа прикажани уште три филма со учество на македонска копродукција.