Кандидатите на СДСМ за градоначалници ќе се објават попладне
Кандидатите на СДСМ за градоначалници во 17 клучни општини, меѓу кои Центар, Битола, Аеродром и Прилеп, ќе се објават дури попладне. Во јавноста се вртат неколку непотврдени имиња и со исклучок на тоа на Марјанчо Николов како кандидат за Велес, за другите има реални шанси да се потврдат.
Според информациите кои излегоа од партиски извори, Горан Сугарески треба да биде кандидат за градоначалник на Прилеп, актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска ја добила партиската доверба за втор мандат, додека во скопските општини Аеродром и центар ќе се оди со нови имиња -пратеникот Александар Филиповски и Горан Герасимовски. Во новите имиња се споменува и пратеникот Костадин Костадинов за адут на СДСМ во Струмица.
За Куманово, освен актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, кој бара кандидатура од централата на СДСМ за втор мандат, во трка е и актуелниот секретар на општинската организација на СДСМ , Оливер Илиевски, за кој по партиски кругови велат дека ја има подршката и од својот имењак, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Илиевски на социјалните мрежи на големо го промовира својата изборна кампања, а од друга страна се води негативна кампања за актуелниот градоначалник Димитриевски, како просрпски, и проруски ориентиран, со тенденција да се прикаже како непожелен, особено за гласачите Албанци во Куманово. Максим Димитриевски за „Слободен печат“ вели дека подршката што ја има од граѓаните е мотив за него да очекува канидатура за следните локални избори.