Канада му забрани влез на шефот на иранскиот фудбал
Торонто – Канадските власти не му дозволија влез во земјата на претседателот на иранската фудбалска Федерација, Мехди Таџ, кој требаше да присуствува на конгресот на ФИФА во Ванкувер.
Иранската новинска агенција Тасним објави денеска дека Таџ и уште двајца претставници на иранската фудбалска федерација се соочиле со „несоодветно однесување од страна на службениците за имиграција“ на аеродромот во Торонто и решиле да се вратат дома.
Порталот Иран Интернешнл, пак, објави дека на Таџ му била издадена виза во понеделникот, но оти следниот ден документот бил поништен поради неговите врски со Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), кој е наведен како терористичка организација во Канада. Мехди Таџ, наводно, е поранешен член на ИРГЦ.
Канадската министерка за надворешни работи, Анита Ананд, изјави дека верува оти одбивањето на влез во земјата е „ненамерно“, додека Министерството за имиграција посочи оти нема да коментира поединечни случаи, но додаде дека „функционерите на ИРГЦ се неприфатливи во Канада и немаат место во нашата земја“.
Конгресот на ФИФА се одржува денеска во Ванкувер, еден од градовите домаќини на Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада од 11 јуни до 19 јули.
Иран на мундијалскиот турнир треба да игра во групната фаза против Нов Зеланд, Белгија и Египет,во Лос Анџелес и Сиетл.