Кан 2022: Тенка е линијата меѓу филмот и политиката


Франција– Да се ​​биде и гламурозен и политички – тоа отсекогаш била амбицијата на најважниот европски филмски фестивал, оној во Кан. Уметничкиот директор Тиери Фремо веќе најави дека нема да покани официјална руска делегација, но го задржа правото да вклучи руски режисери во програмата.

Рускиот режисер Кирил Сребреников е вклучен во официјалната програма со неговиот филм „Жената на Чајковски“. Фремо рече дека Сребренков не добил државни средства за тој филм. Овој руски режисер по трет пат е во Кан. Две години беше во домашен притвор во Русија, а моментално живее во Германија. 

Festival de Cannes 2022 | Filmstill Tchaikovsky’s Wife

Сцена од филмот „Жената на Чајковски“

Камбек на наградените 

Покрај тој филм, во натпреварувачката програма ќе бидат прикажани уште 20 дела, а само четири се во режија на жени. Меѓу режисерите има и бројни победници на фестивалот во Кан кои веќе ја држат својата „Златна палма“ во витрините.

Стариот американски мајстор Дејвид Кроненберг се враќа со научно-фантастичниот хорор филм „Злосторства на иднината“. Тука се и другите поранешни победници: браќата Дарден од Белгија, Швеѓанецот Рубен Естлунд, Јапонецот Коре Ед Хироказу, како и Романецот Кристијан Мунџу. Тука е и Парк Чан-вук од Јужна Кореја, кој веќе двапати ја доби наградата од публиката. Учествува со мистериозниот трилер „Одлука за заминување“.

Филмот „Време на Армагедон“ на Американецот Џејмс Греј ги собра филмските ѕвезди. Дејството се случува за време на владеењето на претседателот Реган, а присутно е и семејството Трамп. Главните улоги ги толкуваат Ен Хатавеј и Ентони Хопкинс. Режисерот досега пет пати беше поканет во Кан, но си заминуваше со празни раце. 

Ужас и гламур 

Мишел Хазанавичиус сними комедија со зомби. Филмот се вика „Сечи“ (Coupez!). Филмот требаше да се вика „Z“, но бидејќи тој знак им беше познат на медиумите од руската армија во Украина, филмот беше преименуван. Иранскиот режисер Али Абас учествува во трилерот „Holy Spider“. 

Гламурозни се и филмовите кои се надвор од конкуренција. Пред се, продолжението на познатиот филм „Топ Ган“ од 1986 година, во кој Том Круз ја игра главната улога – 36 години по главната улога во оригиналот. Австралиецот Баз Лурман го сними филмот „Елвис“. Младиот крал на рокенролот го игра Остин Батлер, а неговиот легендарен менаџер Том Хенкс. 

Filmszene | Top Gun (2022)

Том Круз се враќа со продолжението на „Топ ган“

Европа и приказни за мигрантите 

Африканскиот континент не е застапен со ниту еден филм. Сепак, некои режисери се посветија на темите на колонијализмот, миграцијата и расизмот. Со филмот „Тори и Локита“ браќата Дарден ја прикажуваат драмата на двајца млади мигранти од Африка. Францускиот режисер Леонор Серај ја раскажа приказната за мајката и нејзините два сина кои го напуштиле Брегот на Слоновата Коска во 1986 година и дошле во Париз. Филмот го прикажува животот на семејството до 2010 година. Каталонскиот визуелен уметник Алберт Сера го постави заплетот на „Пацификација – мачење на островите“ во Француска Полинезија. 

Кристијан Мунџу ја постави претставата „РМН“ во рурална заедница во Трансилванија. Тој го опишува порастот на расистичките предрасуди, по доаѓањето на странските фабрички работници. 

Украински филмови и бојкот на Русија 

Неофицијално, меѓу учесниците се слуша дека максималистичкото украинско барање било „рускиот јазик воопшто да не се слуша на фестивалот“. Пред тоа, организаторот го исполни барањето на украинското Министерство за култура и ги исклучи од фестивалот не само официјални руски претставници, туку и филмски критичари и новинари. Учеството на рускиот режисер Кирил Сребреников, кој живее во Германија, само донекаде го смени тој став. Врз основа на тие одлуки, познатиот руски филмски критичар Андреј Плахов, кој потекнува од Лавов, нема да може да оди во Кан. Тој на својот Фејсбук профил суверено реагираше: „Можеби навистина треба да разбереме што значи да се биде граѓанин на една земја агресор“. 

Frankreich Plakate in Unterstützung zur Ukraine am Palais des Festivals in Cannes

Плакат за поддршка на Украина

Не сите творци од Украина споделуваат нулта толеранција кон сè што е руско. Еден од најпознатите украински филмаџии, Сергеј Лозница, реагираше на паушалниот бојкот на руските филмови уште во март: „Ова што се случува е страшно“, рече тој во интервју за филмски магазин. „Но, ги повикувам сите да не паѓаат во тоа лудило. Не смееме да ги судиме луѓето врз основа на нивните пасоши, туку врз основа на нивните дела“. Тој став му донесе на Лозница исклучување од Филмската академија на Украина, основана во 2017 година. Неговиот филм „Природна историја на уништувањето“ ќе биде прикажан во специјална програма. 

Снимки од фронтот 

Филмот „Мариуполис 2“ на Мантас Кведаравичиус ќе биде прикажан во Кан. Литванецот беше убиен од припадници на руската армија во Мариупол во април. Неговата свршеница Хана Билоброва, која била со него, го зела снимениот материјал и заедно со монтажерката Дуња Сихов направиле документарец од исклучителна актуелност. Фестивалот најави дека филмот мора да биде претставен во Кан, па потоа го вклучи во програмата. Ќе биде прикажан на 19 мај.

Во споредната фестивалска програма „Специјален поглед“ големо внимание привлекува филмот наречен „Визии на една пеперутка“. Снимен е пред војната од младиот украински режисер Максим Наконечни. Тој ја раскажува „тешката, надреална приказна за Лиља, која откако е заробена како пилот, очајно се обидува да се врати во нормален живот“, вели режисерот. „За жал, мојот филм беше претчувство за војна“, додаде тој. Од почетокот на руската инвазија тој е на фронтот со оружје и камера. Вели дека од тоа ќе произлезе документарен филм. (DW)