Камерната претстава „Бубрегот“ во режија на Марјан Георгиевски изведена во Тетовски театар


Во Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово синоќа се одржа премиерата на траги-комедијата „Бубрегот“ од австрискиот автор Штефан Фогел, во режија на Марјан Георгиевски од Битолскиот театар. Станува збор за камерна претстава на која публиката непосредно до сцената ги почувствува сите емоции од текстот кои актерите успешно ги одиграа.

– Кога има камерна претстава актерите играат на блиску до публиката и имаат едно нешто да бидат вистинити,  да не лажираат, да се случува чинот вистина сега и тука. Тој контакт што се случува на сцена публиката го гледа на едно метро од нив и затоа е навистина голема возбудата да се прави претстава од тој тип. Ваквите приказни за два пара се случува во нашите животи, кои од една забава на крајот доживуваат и еден голем кошмар, изјави режисерот Марјан Георгиевски.

Тој како гостин од Битолскиот театар рече дека е презадоволен од процесот на соработка со тетовските актери и Театар, кој функционира под капа на Центарот за култура.

– Некако најдовме начин да се координираме.  Презадоволни сме од целиот процес, работевме на најразлични принципи од психо-драма, најразлични анализи, имавме супер поткрепа. Имаше одлични реакции од публиката и баш беше тоа што го очекувавме и повеќе од тоа и на претставата и посакувам континуитет и покрај што нема Тетовскиот театар репертоар. Ги поканувам сите тетовци да го посетуваат Тетовскиот театар да дадат на некој начин поддршка да се вклучат во културниот живот на секој начин. Без публика претставата не би значела ништо. Ни тука работиме за средбата со публиката. Кога ќе се случи средбата се случува магијата и навистина оваа претставата би ја дефинирал како психолошка драма, испреплетена со црн хумор, некаков магичен реализам за кој што актерите морам да ги пофалам дека дадоа се од себе, рече  Георгиевски.

Во претставата играат четворица актери, двајца од Тетовскиот театар – Ѓорѓи Нешковски и Ирена Мирчевска, како и двајца гости – Марко Богдановски и Јасминка Василева. Сценографија ја изработи Валентин Светозарев. Ова, инаку, беше режисерско првенче на Марјан Георгиевски надвор од Битолскиот театар.