Каматните стапки на благајничките записи и на расположливите депозити се намалуваат за по 0,25 процентни поени


Фото. Б. Грданоски

На 17 декември 2024 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се продолжи со постепеното нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Оттука, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 5,55%. На седницата беше донесена одлука за намалување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Со ваквата промена на каматните стапки се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, што е условено од натамошното присуство на ризиците поврзани со надворешното окружување, но и со домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Одлуката за монетарната политика е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација очекувано забрза во ноември и изнесува 4,3% (3,5% во октомври), заради цените на храната. Ова во голем дел се објаснува со пониската споредбена основа од истиот период минатата година, заради мерките преземени тогаш за привремено ограничување на растот на цените. Притоа, базичната инфлација бележи забавување на годишна основа, а има и натамошен пад на цените кај енергетската компонента. Ефектите од споредбената основа кај цените на храната ќе имаат продолжено влијание, односно до крајот на годината се очекува задржување на годишната стапка на инфлација близу до минатомесечното ниво. И покрај ваквите движења, во просек за целата 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе изнесува 3,5%, односно во рамките на проектираната стапка, според октомврискиот циклус проекции. Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите и натаму преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на берзанските цени на примарните производи, според најновите прогнози тие се ревидирани надолу, во согласност со намалената глобална побарувачка.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на ноември изнесува 4.920 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во согласност со поволните движења на девизниот пазар, Народната банка од почетокот на годината интервенира со нето-откуп на девизи, што придонесе и за подобри остварувања кај девизните резерви од очекувањата. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во октомври 2024 година засега е понизок во споредба со очекувањата за четвртиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на ноември се во согласност со проектираните нето-приливи од приватните трансфери. Остварениот суфицит во тековната сметка на билансот на плаќања во третиот квартал од 2024 година е речиси на нивото од октомвриската проекција, при остварени нето-финансиски одливи во согласност со очекуваните.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во декември по четврти пат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за 0,25 п.п.

Економскиот раст во третиот квартал на 2024 година умерено забрза и достигна 3%, што е блиску до проекциите на Народната банка. Растот остварен во првите три квартали од годината изнесува 2,6% и е малку повисок од очекуваниот, при нагорни ревизии во податоците за првата половина на годината. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот и динамиката на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст и движењата засега се подобри од очекувањата за последниот квартал од годината.

Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, создадоа простор за натамошно нормализирање на монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување и понатаму постојат, а со внимателност се следат и потенцијалните ризици од домашните фактори коишто би можеле да влијаат на побарувачката и на цените во следниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.