Какви се очекувањата на бизнисот за 2025: Еве што вели Азески
Како најголема и најзначајна бизнис заедница во државата, Стопанската комора на Македонија бара стабилност и висока одговорност за моментот во кој што се наоѓаме, посочи денеска претседателот на комората, Бранко Азески. Тој вели дека е нормално да се има различни мислења и ставови, но комората нема да ја напушти основната позиција која се фокусира на неколку приритети.
„Под број еден тоа е борбата против корупцијата и сивата економија, под два продолжување многу сериозно на процесот на гасификација, под три зголемување на конкурентската способност на извозните компании во делот на зголемување на продуктивниста и иновативноста на производите, под четири активности кои што се врзани за барањата за промена на законските решенија кои што ќе овозможат подобра бизнис клима, а стојат со години, како што се Законот за извршување, Член 218, парафискалните давачки, регулаторната гилотина и тн , кои што мора да бидат симнати од дневен ред, како и зголемување на напорите за подобар социјален дијалог меѓу социјалните партнери“, истакна Азески, одговарајќи на прташања на новинарите пред почетокот на седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), асоцијација која ги обединува шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан.
Тој исто така се осврна и на заострувањето на економската ситуација во Европа која е последица на подолги процеси на кои што ние не можеме да влијаеме.
„Во контекст на ова што ќе се случува, промената на власта во Америка, воспоставување на нова политика, на војната во Украина која продолжува и се пренесува на други држави… целата неизвесност е многу опиплива за бизнисот. Бидејќи Германија е наш најголем трговски партнер сигурно ќе имаме последици од таа работа, затоа што состојбите во Германија се такви какви што се“, рече Азески.
Тој додаде дека поради тоа, комората предлага платформа да се пребродат овие кризни ситуации кои што не очекуваат.
„И покрај тоа што има позитивни сигнали, продолжување на инвестициската активност на странските инвеститори, домашните компании се спремни со евтините кредити да стартуваат значаен процес на инвестициска активност, Бехтел и Енка се внесени во работа, значи отворен е фронт за голема работа, има некои најави околу железницата,… сето тоа зборува дека многу внимателчно треба да одиграме во 2025 година за да немаме тешки последици кои што може да дојдат надворешно“, рече Азески.
Тој нагласи дека сите максимално треба да бидеме одгворни за ситуацијата во која што се наоѓаме.
Во однос на растот на платите и на пензиите тој рече дека ставивите на асоцијацијата Комората се јасни – тој мора да биде врзан за растот на домашниот бруто производ.
„Добра вест е што во третиот квартал е растот на БДП е три отсто и тоа треба да се утврди како минимум на кој сите ќе се бориме да го надоградиме“, рече Азески посочувајќи дека само тоа може да биде излез за понатаму.
Тој додаде дека бизнисот е единствениот кохезионен фактор без кој што не можеме да одиме напред, како и дека е добро инвестициската активност да биде поддржана од сите заради тоа што само на таков начин е можно во наредниоот период да наравиме исчекор.
„Значи локалните самоуправи, компаниите, државата, капиталните инвестиции, се да биде ставено во таа функција за да се оствари посакуваниот раст“, рече Азески.