Какви даноци ќе плаќаме – се вжештува дебатата за даночните измени
Од бизнис-секторот сметаат дека во време на енергетска и економска криза не е вистинскиот момент за вакви реформи. Од Министерството за финансии велат дека станува збор за нацрт и дека дебатата е отворена
Министерството за финасии подготви предлог-концепт за даночната реформа којашто се планира да почне од следната година. Во тек е дебатата со сите засегнати страни, но веќе има реакции од бизнис-секторот, кој смета дека во време на енергетска и економска криза не е вистинскиот момент за вакви реформи.
Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека даночната реформа се прави за да се создаде оптимален даночен систем и да има правично оданочување кое ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните. На реформата, како што вели, е работено долго време и направени се длабински анализи.
Даночната реформа ќе се спроведува етапно и на почетокот е планирано да се реализира во делот на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Од данокот на добивка и на личен доход се очекува во буџетот годишно да се слеат 54 милиони евра.
Она што како предлог-решение стои во даночната реформа е да се оданочуваат каматите на депозитите за 10 проценти, да се укине даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка и да се плаќа здравствено и пензиско осигурување за хонорарците. Останува отворено прашањето за прогресивното оданочување, за кое ќе се дебатира во следниот период. Во нацрт-даночната реформа нема конкретен предлог за ова прашање со цел да се остави простор за дебата и да се види кое решение би било најсоодветно.
Од бизнис-секторот сметаат дека ваквите реформи во време на глобална криза ќе ги оптоварат фирмите кои сè уште не се опоравени од економските последици од ковид-кризата. Бараат борба против сивата економија, наместо даночни реформи.
Вчера со реакција се јави и најголемата стопанска комора во земјава, од каде велат дека расправата за даночните реформи доаѓа во еден исклучително тежок момент за бизнисот. Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во отворено писмо во името на членките на Комората упати четири прашања до Владата.
Бизнис-секторот од Владата бара одговор за тоа до каде се постапките за задолжувањето преку еврообврзницата и кредитната линија од Меѓународниот монетарен фонд и што е со барањата и предлозите од Македонската енергетска асоцијација. Во делот за даночните реформи, од Комората сметаат дека треба да има прецизни рокови и услови на кои ќе се обврзе државата за поквалитетни услуги кон приватниот сектор, за укинување на парафискалните давачки и за намалување на сивата економија.
– Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период. Малку чудно, бидејќи очекував разговори околу нашите предлози за проблемот број еден, а тоа е цената на електричната енергија. Нормално, додека не пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, разменив и мислења со одговорните луѓе во Комората, кои како договорени ми поставија четири прашања. Ценејќи дека тие прашања се од суштинска важност, пред да започне расправата одлучив јавно да ги изнесам, бидејќи самиот предлагач се залага за транспарентност на оваа расправа. Покрај нив, првичните реакции се однесуваа и на прашањата од даночната евазија и што се презема на тој план, сугерирајќи прво да се искористат внатрешните можности пред да се отвори расправата, која доаѓа во еден исклучително тежок момент за бизнисот, напиша Азески во отвореното писмо.
Опозицијата вчерa излезе со оценка дека најавената даночна реформа е фарса во отсуство на вистинска битка за собирање на средства во државниот буџет.
– Даночната реформа преку која се најавува проширување на даночната основа со измени во даноците на добивка, личен доход и додадена вредност ќе собере околу 50 милиони евра годишно. Но, ако навистина сака оваа Влада да собере средства во буџетот треба да почне од сивата економија од којашто годишно губи од 200-250 милиони годишно приходи од данокот на додадена вредност, данокот на добивка и останатите даноци, наведе ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното соопштение.
Министерот за финансии на средбата со новинарите нагласи дека се работи за нацрт и дека дебатата е отворена.