Како влијаеше кризата во земјите од Југоисточна Европа и какво ќе биде нивното закрепнување?
Најновите анализи покажуваат дека само седум од 11-те земји во Југоисточна Европа ќе можат да го вратат својот БДП на ниво од 2019 година следната година – каде е Македонија?
Какво е влијанието на кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19 врз здравствените системи и економиите на 11 земји во Југоисточна Европа и кои се предвидувањата за нивно закрепнување? Ова е темата на најновата анализа на SeeNews – водечката деловна платформа во регионот, пишува Данас.рс.
Извештајот „КОВИД-19 и Југоисточна Европа: Почетна прогноза во борбата против кризата“ ги опфаќа следниве земји: Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Словенија, Бугарија, Албанија, Молдавија и Романија. Анализата се темели на 11 клучни индикатори: мерки за заштита, економски мерки, обновување на БДП, изложеност на ризик од долг, индустриско производство, кредитен рејтинг, секторски ризик, зголемување на бруто додадена вредност, пазарот на трудот, даночен ризик и извозен ризик.
Според соопштението, анализата е тековно резиме на состојбата и дава прогноза заснована врз мерките за закрепнување преземени досега во овие единаесет земји.
Податоците покажуваат дека земјите од регионот на Југоисточна Европа имаат неколку предности во справувањето со претстојната економска криза.
„Прво, повеќето земји имаа ниско ниво на јавен долг во моментот кога беше прогласена вонредната состојба. Ова им даде можност на земјите да спроведат сеопфатни економски мерки за поддршка на деловните субјекти и поединците без да извршат премногу притисок врз јавниот долг. Кога станува збор за здравствената заштита, повеќето земји во Југоисточна Европа делуваа решително и брзо на почетокот на пандемијата, преземајќи строги мерки за заштита од вирусот. Во време кога земјите ширум светот ги отворија своите економии, стапката на инфекција со корона вирусот во регионот беше далеку под глобалното ниво. Останува да се види дали ќе се задржат овие првични добри резултати, имајќи го предвид развојот на ситуацијата во некои земји од Југоисточна Европа“, се наведува во образложението.
Како што се нагласува, заедно со сите предности, регионот на почетокот на кризата беше подложен на одредени ризици.
„Повеќето земји во регионот многу се потпираа на секторите кои за потребите на истражувањето беа наречени „губитнички сектори“ – тоа се однесува на индустриите за кои се очекува да го носат товарот на економската криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19. Од друга страна, постојат сектори кои ќе се појават како „победнички“, но повеќето од нив претставуваат мал удел во бруто додадената вредност на економиите на земјите од Југоисточна Европа, со цел да се создаде значителна противтежа на негативните ефекти од кризата“, се вели во соопштението.
Овој непропорционален однос помеѓу губитничките и победничките сектори, како што ссе додава, го прави регионот на Југоисточна Европа особено ранлив на секторски ризици, а некои економии неизбежно се соочуваат со проблеми со вработувањето, како и со фискални ризици кои произлегуваат од одложување и намалувања на даноците.
Албанија
Благодарение на силниот земјоделски сектор, Албанија е најдобро позиционирана меѓу сите 11 економии опфатени со извештајот, во смисла на можностите за ублажување на влијанието на пандемиската економска криза. Во однос на слабостите, пакетот мерки што ги објави владата во врска со кризата изнесува 2,8 проценти од БДП, што е еден од најниските проценти во целиот регион на Југоисточна Европа.
Босна и Херцеговина
Босна и Херцеговина беше меѓу средно успешните земји во првично применетите рестриктивни мерки во врска со пандемијата КОВИД-19. Кога станува збор за економска активност, економијата на БиХ има средно ниво на ризик од обновување на БДП во 2021 година, на ниво пред пандемијата. Интересен е фактот дека во месеците кога постоеја мерки за затворање, БиХ беше земја со втор најмал пад на индустриското производство.
Бугарија
Бугарија е меѓу земјите во Југоисточна Европа која има среден ризик да го поврати БДП во 2021 година на пред-пандемиско ниво. Еден од факторите што влијаат на ова е зависноста на земјата од извозот. Бугарија има втор најголем сооднос на учество на извозот во БДП во 2019 година (по Словенија). Со оглед на неможноста да се предвиди развојот на пандемија, неизвесностите во каналите за дистрибуција и можноста за затворање на трговијата претставуваат екстремен ризик за економијата. Фискалните и монетарните мерки за ограничување на негативните ефекти од кризата учествуваат со 10,7 отсто од БДП, ставајќи ја земјата на третото место во регионот по Словенија и Србија. Важно е да се напомене дека некои од овие мерки се насочени кон зајакнување на банкарскиот систем и не се директно насочени кон стимулирање на економијата.
Косово
Косово првично успешно ги спроведе мерките за затворање поврзани со пандемијата на КОВИД-19. Првичниот пакет економски мерки објавени од владата заостанува зад повеќето земји во регионот на Југоисточна Европа и изнесува 2,8 проценти во однос на последниот годишен БДП. Од друга страна, Косово се очекува да го врати својот БДП во 2021 година и да се врати на нивото од 2019 година.
Молдавија
Молдавија е една од двете земји во Југоисточна Европа (покрај Албанија) која, благодарение на земјоделскиот сектор, е во поповолна позиција во однос на економско ублажување на влијанието на кризата предизвикана од пандемијата. Сепак, Молдавија е втора земја со најлошо позиционирање во Југоисточна Европа во однос на изложеноста на ризик предизвикан од КОВИД-19, мерена според учеството на потрошувачката и формирањето на бруто капитал.
Романија
Пазарот на трудот во Романија е меѓу најдобро позиционираните во целиот регион на Југоисточна Европа заради многу ниската стапка на невработеност пред прогласувањето на пандемијата со КОВИД-19. Како резултат на тоа Романија има речиси целосна вработеност, но сепак ниската стапка на невработеност тешко ќе го надомести влијанието на пандемијата врз економијата и нема да го врати на ниво 2019 година следната година. Романија е една од оние земји за кои не се очекува целосно да го врати нивото на БДП во 2021 година.
Северна Македонија
Северна Македонија е земја која покажа најниски резултати во Југоисточна Европа во однос на првичното затворање во врска со пандемијата на КОВИД-19. Стапката на инфекција беше над светскиот просек дури и во средината на јуни, пред да се забележи нагло зголемување на случаите во регионот. Земјата е умерено изложена на очекувани загуби од секторите кои се најранливи на пандемијата со КОВИД-19.
Словенија
Првичниот економски пакет на одговор на Словенија на кризата учествуваше со 13,4 отсто од БДП, ставајќи ја на првото место во регионот на Југоисточна Европа. Владата се надева дека овие мерки ќе успеат да го намалат влијанието на кризата, со оглед дека првичните прогнози ја ставаат земјата меѓу оние кои нема да го вратат својот БДП на пред-пандемиското ниво во 2021 година. Сепак, Словенија е најмалку изложена на шок на БДП кој доаѓа од приватната потрошувачка и бруто-капиталните расходи. Овие две компоненти учествуваа само со 52 проценти во БДП во 2019 година, давајќи и на земјата доволно простор да се справи со пандемијата.
Србија
Србија треба да забележи закрепнување на БДП во 2021 година, иако земјата е изложена на голем ризик од загуби во секторите кои беа најмногу погодени од пандемијата на КОВИД-19. Покрај тоа, Србија е една од трите земји каде што падот на даночните приходи е голем, затоа што истите овие сектори генерираат повеќе од половина од сите даноци во земјата.
Хрватска
Хрватска е меѓу земјите со најдобри резултати во почетниот период кога беа преземени рестриктивни мерки во врска со пандемијата на КОВИД-19 и може да се пофали со најнизок процент на заразени во Југоисточна Европа во средината на јуни, позиционирајќи ја земјата во поволна позиција дури и откако започна да расте бројот на случаи во регионот.
Иако е меѓу неколкуте земји за кои се очекува дека нема да можат да го достигнат пред пандемискиот БДП во 2021 година, пазарот на трудот во голема мера треба да се врати на препандемиските нивоа следната година, со очекувана стапка на невработеност од 8 проценти.
Црна Гора
Анализата покажува дека Црна Гора се очекува да биде една од земјите во Југоисточна Европа која е најтешко погодена од рецесијата предизвикана од пандемијата на корона вирусот, како во поглед на силината така и времетраењето, па е малку веројатно дека ќе го врати БДП во 2021 година на ниво пред пандемијата. Покрај тоа, првичниот пакет за фискална поддршка е мал во споредба со регионалните и европските, а недостатокот на намалување на каматните стапки исто така може да спречи брзо закрепнување на инвестициите и потрошувачката. Сепак, одговорот на Владата на кризата беше оценет позитивно во областа на монетарната политика, секторската политика, поддршката на малите и средни претпријатија и зачувувањето на вработеноста.