Како се тргуваше на Берзата во декември – помал промет, но повеќе трансакции и пораст на МБИ10


Вкупен промет од 840,4 милиони денари, склучени 1.658 трансакции и вредност на берзанскиот индекс МБИ10 од 6.153,48 поени, се некои од главните параметри за тргувањето на Македонската берза на долгорочни хартии од вредност во последниот месец минатата година. Како што покажуваат податоците во берзанскиот билтен за декември, прометот бил за 31,6 отсто помал, но затоа има пораст кај другите показатели – бројот на трансакциите е зголемен за 4,28 отсто, а уште поважен е растот на МБИ10 за значајни 4,53 отсто. Истовремено, пазарната капитализација на компаниите кои што котираат на Берзата достигна 223,8 милијарди денари, за 2,1 отсто повеќе од претходниот месец.

Подеталната анализа на тргувањето на Берзата покажува дека главна причина на падот на прометот се блок-трансакциите, за 89 отсто. Односно, во ноември биле склучени блок трансакции во вредност од 783,7 милиони денари, а во декември за 85,44 милиони денари. Кај сите други показатели има пораст – така, кај класичното тргување со акции порастот е 10,7 отсто, при што во декември во овој дел бил остварен промет од 431,4 милиони денари (во ноември бил 389,6 милиони), а кај обврзниците растот бил многу поголем, за 482,8 отсто (прометот во декември со обврзници изнесувал 323 милиони денари, додека еден месец претходно 55,4 милиони денари ).

Според пазарната капитализација, највредните македонски компании кои што котираат на Берзата се Комерцијална банка чија што пазарна вредност е 26,7 милијарди денари, Алкалоид со пазарна вредност од 26,3 милијарди денари, НЛБ банка со 24,9 милијарди денари и Стопанска банка Скопје со 23,9 милијарди денари. По оваа голема четворка, на петтото, односно шестото место се Макпетрол со пазарна вредност од 8,7 милијарди денари и Гранит со 4,2 милијарди денари.