Како премиерот со партиски протест ќе се бори против наводно партизирано судство, вели Филипче


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска изјави дека е оксиморон со партиски протести Мицкоски да се бори против наводно партизирано судство.

„Заканите на премиерот дека ќе се случел народ на судството  е порака дека тој признава судство само по своја мерка и дека не сака ниту подобро, ниту пак независно судството. На некој начин таа изјава е оксиморон односно со партиски протести ќе се борат против наводно партизирано судство и нема поголем доказ крајната цел е само партизација. Наместо да се спроведат вистински реформи коишто сега за прв пат после толку години се на маса ќе се протестирало, тоа е апсурд и политика без преседан. И доколку се случат такви притисоци врз целокупниот правосуден систем, верувајте довербата од 2% ќе се намали на  нула во следниот период“, рече Филипче на прес-конференција.

Претседателот на СДСМ потсети дека судството со години е слабо поради корупција, бавни постапки и политички влијанија. Тој нагласи дека ниту една влада во изминатите 30 години не направила доволно за вистински реформи во правосудството, но дека сега за првпат реформите се на маса.

„Апелирам Владата да престане со партиските притисоци врз правосудството и синдикатите и конечно да тргнеме по патот на вистинските реформи“,  рече Филипче, нагласувајќи дека СДСМ ќе ја даде целосната поддршка за усвојување на сите закони од Реформската агенда во парламентот.

Тој ги отфрли обвинувањата на владејачката партија дека СДСМ бил во контакти со ССМ за барањата на работниците за повисока минимална плата.

„Немам никаква комуникација со претставници на Сојузот на синдикатите. Претседателот на ССМ го имаме сретнато само еднаш пред неколку месеци во Собрание и тогаш си се запознавме, претходно не сум го знаел ниту порано, кога дискутиравме за барањата на вработените во секторот образование. Сметам дека да се стави партиско бележје на една таква активност е недозволиво и недемократски поради тоа што синдикатот како репрезент на работниците, на нивните реални и објективни барања тоа му е едноставно работа“.

Според него, тоа што не се излегува во пресрет на барањата на работниците е немање на демократски капацитет и немање волја и желба за да се направи нешто за нив. „Јасното укажување дека лоша прогноза за економија е тоа што нема реформи, очигледно е дека Владата е лош менаџер. Ние можеме да очекуваме само дополнителни кризи“, рече опозицискиот лидер Филипче.