Мицкоски пак го спомнува НАТО за спојувањето на АНБ и АР. Таму нема таков пример

Дали Сиљановска ќе се откаже од една од клучните улоги на претседателот - да предлага директор на Агенцијата за разузнавање - за да се усогласи со плановите на Мицкоски


 

Владата и премиерот Христијан Мицкоски го туркаат планот за обединување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР). Ако се формира една агенција таа би била под ингеренции на владата и со тоа претседателот на државата би останал без една од клучните надлежности наведена во уставот, а тоа е да предлага директор на АР.

Мицкоски вечра во Собранието зборуваше за плановите, одговарајќи на прашањето на пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, а во периодот кога во собраниска процедура велезе предлогот укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница (донесен во 2019 година). Власта тврди дека досегашниот закон не ги дал очекуваните резултати во пракса поради недоверба и недостиг на оперативен капацитет. Тоа наиде на чизненадување во безбедносна, а и политичката заедница.

Трајчулески побара Владата да се откаже од планираното спојување на двете агенции и предупреди дека тоа може да доведе до прекумерна концентрација на безбедносна моќ во рамките на владата. Тој го спомена и скандалот со незаконското прислушување и нагласи дека е многу важен ефективниот надзор врз работата на службите.

„Ова прашање го поставувам со длабока загриженост затоа што Македонија не смее да си дозволи уште едно искуство во кое службите ќе станат инструмент на владејачката партија, а граѓаните ќе станат предмет на следење, притисок и заплашување. Нашата држава веќе ја плати цената на злоупотреба на безбедносниот апарат и тоа двапати во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Трајчулески.

Мицкоски на ова прашање на Трајчулески одговори дека тие како опозиција биле жртви на службите и го прескокна масовното прислушување за време на владеењето на ГНикола Груевски. Тој убедуваше дека Собранието ќе има клучна улога во надзорот врз работата на идната обединета агенција.

„Точно е дека оваа влада планира да направи реформа во начинот на кој што функционираат службите. Прво затоа што кога бевме во опозиција бевме жртви на тие служби и за тоа има судски процеси. Спојувањето ќе биде транспарентен процес за којшто ќе има јавна дебата онолку колку што е потребно, за да искатализираме решение коешто ќе обезбеди транспарентност

Ги отфрли сомнежите дека обединувањето би можело да доведе до нови случаи на незаконско прислушување. Како аргумент ја посочи постојната Оперативно-техничка агенција (ОТА), како и механизмите за одговорност при евентуално кршење на законот.

„Тоа е невозможно затоа што имаме една друга институција која што се вика Оперативна техничка агенција. Така што и да некој едноставно ако зборуваме за нешто коешто е спротивно на законот, тоа е веќе злоупотреба и за тоа си има друг тип механизми и одговорност пред законот“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека во програмата на партијата за изборите една од точките била и обединувањето на безбедносните служби. Тој наведе дека имало „многубројни примери“ во Европа и НАТО за обединување на агенциите, наведувајќи ги САД, Хрватска, Словенија и други.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова генерално молчи за оваа тема. Ако даде поддршка треба своеволно да се откаже од една од своите клучни надлежности што историски би ја сместило во графата за поткастрување на претседателските ингеренции со нејзина согласност. Не знаеме и дали и со волја. Таа еднаш изјави дека спојувањето на двете агенции мора да биде предмет на широка стручна, јавна и парламентарна дебата пред да се донесе каква било конечна законска одлука. Таа нагласи дека во ваквите реформи најважно е да се воспостават цврсти механизми на контрола, со цел да се спречи опасноста овие служби да се развијат во „држава во држава“. Таа го очекува официјално законско решение во писмена форма за потоа детално да биде анализирано.

Мицкоски тврди дека дека ваква реформа за спојување на безбедносните агенции има во најголемиот дел од земјите на НАТО. Но фактите се сосем поинакви. Такви примери се инцидентни. Одделни агенции за разузнување и за контраразузнување за дома и за надвор имаат сите земји членки на НАТО кои имаат сериозен однос кон безбедноста и капацитет да ја организираат. Уште во октомври 2024, неколку месеци по преземањето на власта Мицкоски го најави овој проект за спојување на агенциите.

Тој тврдеше дека за оваа реформа разговарал со претседателката и дека утврдиле дека има потреба за неа, а не дека тоа е „резултат на лична фрустрација“, во смисла дека зад сето тоа не стои неговата желба како премиер и лидер на партија да контролира сѐ во државата.

Притоа Мицкоски не кажа дали претседателката се согласила да се откаже од надлежноста што ја има околу Агенцијата за разузнување. Таа сега ги именува нејзините директори, а вработени во Агенцијата тврдеа во октомври 2024 во аниномно писмо дека добила закана за покренување импичмент ако не го потпише изборот на премиерот за прв човек на АР. Тогаш во интервју Мицкоски се потсмеваше со АНБ, тврдејќи дека извештајот што го добил од нив личел на извештај од пишувања на социјални мрежи и портали.

И тогаш и сега Мицкоски тврди дека реформата за спојување на АР и АНБ е завршена во многу земји на НАТО. Но, проверка на листата на разузнувачки агенции во земјите членки на НАТО покажува дека ова тврдење нема врска со вистината и дека мотивите за реформа на реформираните безбедносни агенции пред само некоја година – не може да се оправда со вакви аргументи. 

Практично, тоа што го тврди Мицкоски постои само во Хрватска, а покрај неа во Луксембург (држава град), во Албанија и во Кипар, додека сите други имаат разузнувачки агенции за дома и за надвор (попластично објаснето имаат и своја ЦИА и свој ФБИ, МИ5 и МИ6), а повеќето имаат и воени безбедносни агенции, додека поразвиените земји имаат многу повеќе од три, па и за криминални активости, за откривање тероризам, шверц со оружје и слични. 

Па, така, од западните земји, покрај САД чии безбедносни агенции се добро познати и се бројни, Германија ја има БНД (Сојузен разузнувачки сервис) и БСИ (Сојузна канцеларија за информациска безбедност), покрај воената контраразузнувачка служба и една специјална – за заштита на уставното уредување на државата. Франција ги има  ДГСИ (Генерален директорат за внатрешна сигурност) и ДГСЕ (Генерален директорат за надворешна безбедност), покрај други безбедносни агенции, а поделбата е најочигледна во Естонија, која има Служба за внатрешна безбедност и Служба за надворешна безбедност.

Словенија е моделот што најчесто се споменува во дебатите за реформа на разузнавачките служби на Балканот. По распадот на Југославија Словенија се одлучи за создавање на СОВА  – единствена цивилна агенција одговорна и за следење на надворешните закани и за спроведување на внатрешно контраразузнавање. Словенечкиот модел функционира успешно во рамките на ЕУ и НАТО, бидејќи концентрацијата на моќ во една агенција е избалансирана преку силно зајакнување на независните контролни тела. Специјализирана парламентарна комисија има неограничен пристап до финансиските книги и оперативните евиденции на СОВА, со што се спречува владејачката политичка партија да ја користи оваа обединета агенција како политичка алатка. А знаеме како тајната служба ја користише Груевски за да прислушува 20.000 граѓани.

Сличен пример е Шпанија. Тамошната служба е голема, обединета агенција која под еден покрив ги опфаќа контраразузнавањето, борбата против тероризмот и надворешното разузнавање. Но има силен заштитетн механизам: За да се спречи обединетата агенција да ги загрози граѓанските слободи во земјата, Шпанија воспостави систем во кој одреден судија од Врховниот суд мора лично да ја одобри (потпише) секоја оперативна активност што влијае врз основните права во државата.

Практично, одделни агенции за разузнување и за контраразузнување за дома и за надвор имаат сите земји членки на НАТО кои имаат сериозен однос кон безбедноста и капацитет да ја организираат, како Финска, Полска, Романија, Италија, Чешка, Данска, Шведска, Норвешка, Португалија, Словачка, Велика Британија, Холандија, Германија, Франција, Естонија и други. Практично, без оглед какви имиња носат и пред кого одговараат и кој ги именува, речиси е универзална формула да се раздвојат разузнувањето и контраразузнувањето во државата, заради поголема ефикасност, но пред сѐ заради поголема демократска контрола. Прашање на демократија во една државата е како ќе се воспостави и контролира безбедносната мрежа.   

Токму поради недемократската употреба Управата за безбедност и контраразузнување беше укината кај нас во 2019 година и беше заменета со АНБ. За тоа како беа користени безбедносните агенции од страна на ВМРО-ДПМНЕ зборува и фактот дека од сите директори што ги имале УБК и АР апсолутен рекордер во директорување беше Сашо Мијалков кој таму „владееше“ девет години, а по него најдог стаж има Еролд Муслиу (само четири).

Во октомври 2024 новоименуваниот директор на АНБ, инаку партиски функционер, Бојан Христовски, на еден од постовите на социјалните мрежи ѝ го честиташе „петтиот и последен роденден“ на агенцијата. Оттогаш поминаа две години, а Христовски се навикна да директорува со АНБ. На крајот од август организираше гала прием по повод денот на АНБ. Што е речиси незабележна практика во западните демократии (а и во источните земји) – да се прават гала приеми на тајната служба и многу од агентите да ѝ се претстават на јавноста.