Ако стане членка на ЕУ Црна Гора нема да става вета, туку ќе дава поддршка


Црна Гора се залага процесот на проширување во Европската унија да биде врз основа на заслуги. Црна Гора ќе биде силна поддршка на Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција затоа што сметаме дека ЕУ не може да биде комплетна без земјите од регионот, изјави вицепремиерот задолжен за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Ивановиќ, кој е во дводневна работна посета на земјава, на заедничката прес-конференција со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, рече дека Црна Гора е предводничка во евроинтегративниот процес од државите во регионот и очекува во 2028 година да стане полноправна членка.

– Членството не значи излез од регионот, туку поддршка и за останатите држави од регионот и нивно членство. Црна Гора се залага процесот на проширување да биде по заслуги и ЕУ не може да биде комплетна без сите држави од регионот. Затоа многу брзо кога Црна Гора ќе стане полноправна членка на Европската унија ќе биде силна поддршка и на Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција со желба што побрзо да се најдеме заедно таму – порача Ивановиќ.
 

Двајцата вицепремиери констатирале дека политичката соработка меѓу државите е одлична, без отворени прашања, што остава простор за соработка на сите останати полиња. Разговарале и за интензивирање на економската соработка и договориле следната година да се одржи бизнис форум на компаниите од двете држави.