Како „Не“ на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени стана „Да“ и кој живее во „паралелна реалност“

Ковачевски во Кавадарци зборуваше за „нов момент на политичката сцена во земјата“, но од опозициската партија порачаа дека „живее во паралелна реалност“


 

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и опозициската ВМР-ДПМНЕ денес излегоа со целосно спротивставени констатации околу уставните измени. Додека во Кавадарци, на партиската трибина Ковачевски рече дека на последната нивна средба, Христијан Мицкоски прифатил уставни измени, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порачаа дека „Ковачевски живее во паралелна реалност“, повторувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ понудиле предлози, а тој уште не се изјаснил. На Фејсбук се огласи и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, обвинувајќи дека власта наместо да нуди решенија, „неуспешно се занимава со спинови и подметнувања“.

Инаку, Ковачевски во Кавадарци зборуваше за „нов момент на политичката сцена во земјата“ и нова реторика, целосно различна од она што досега го слушавме.

„’НЕ’ стана ‘ДА’, прифаќањето на уставните измени од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и промената на ставот е за доброто на државата и го поздравувам“, рече Ковачевски на трибината „Разултати што прават разлика“ во Кавадарци, додавајќи дека и понудиле рака и на опозицијата за дијалог и шанса и тие да се приклучат. 

Тој нагласи дека на последната нивна средба, Христијан Мицкоски прифатил уставни измени.

„И тоа јавно го кажа на прес-конференција и го повтори потоа во изјава наредниот ден. Прифаќањето на уставните измени им дојде некако како шок во ВМРО-ДПМНЕ, можеби затоа што се случи нагло. Имам разбирање за тоа“, истакна Ковачевски.

Една година, рече тој, гледавме протести, молотови коктели врз Собранието, обвинувања за бугаризација, асимилација.

Ковачевски: „НЕ“ стана „ДА“ – бев убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на праведната цел за европска иднина

„Го палеа договорот во Собранието, свиреа со вувузели. Цела година слушавме изјави како се на браникот, се потпишуваа нотарски изјави на пратениците дека нема да поддржат уставни измени, носеа маички со ,,НЕ”. Во Собранието не можеше да се слушне ниту мојот глас, ниту гласот на пратениците“, рече Ковачевски.

По сите вакви одбивање одеднаш, додаде тој, со една изјава на прес-конференција, се тоа не важи.

„Одеднаш не е проблем делови од бугарскиот народ да влезат во Уставот. Со една изјава прифатливи се уставните измени, прифатено е учество во Влада со СДСМ и други партии. ‘НЕ’ стана ‘ДА’. Затоа што ‘ДА’ е секогаш посилно од ‘НЕ’“, додаде тој.

Ковачевски нагласи дека цело време бил убеден дека од ВМРО-ДПМНЕ ќе го слушнат вистинскиот глас и ќе се приклучат на праведната цел „за да обезбедиме европска иднина за нашите сегашни и идни генерации“.

„Имам јас многу лични моменти во ова. Цело време бев обвинуван за бугаризација и асимилација и се тоа падна во вода. Но, подготвен сум да поминам преку тоа, за доброто на земјата. Знаеме ние дека опозицијата и во други прилики менувала став. Овој пат, промената е за добро на државата. И затоа го поздравувам“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека сега е моментот да се обединиме, рамо до рамо, сите и да ја донесеме одлуката за уставните измени, заради иднината на сегашните и идните генерации.

„Оваа одлука е за граѓаните на државата, оваа одлука е за обичниот граѓанин на државата, за оној граѓанин кој што станува секое утро и оди на работа. Ова е одлука за вас земјоделците, за вас лозарите, за работниците кои секое утро одат во фабриките, кои чесно го заработуваат лебот и плаќаат данок кон државата. Ова е одлука за сите мајки чии деца отидоа на печалба во ЕУ, ама во ЕУ во туѓина, ова е одлука за децата да ни бидат тука, да ни расте наталитетот. Ова не е одлука за една мала група на луѓе кои што и со ЕУ и без ЕУ, живеат на висока нога, повисока и од некои земји членки на ЕУ“, посочи Ковачевски.

Фото: Б. Грданоски

На ваквиот говор на Ковачевски експресно реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде што преку соопштение порачаа дека Ковачевски живее во паралелна реалност и дека „уставни измени под бугарски диктат нема“.

Од  ВМРО-ДПМНЕ велат дека понудиле предлози, но Ковачевски уште не се изјаснил.

„Јасно е дека Ковачевски е збунет зошто се приближува времето кога ќе мора да ги стави уставните измени во Собрание на гласање и ќе се види дека нема 2/3, од тој момент натаму нема да може да манипулира“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Ковачевски „купува време“.

„ВМРО-ДПМНЕ даде два предлози за надминување на кризата, од кои ниту еден не е прифатен до сега од Ковачевски: Уставни измени со одложено дејство кога ќе станеме членка на ЕУ и преодна влада без ДУИ или Избори на есен, а потоа опозицијата која ќе биде да го поддржи следниот концепт. Барање на гаранции од европските институции за македонскиот многувековен идентитет, барање финансиска помош од ЕК за македонската економија и граѓани, барање до Бугарија да исполни најмалку 3 пресуди на ЕСЧП поврзани со правата на Македонците во Бугарија, па тогаш гласање на уставни измени“, се вели во партискот соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на Фејсбук напиша дека Власта во Собранието нема две третини за промена на Уставот и нема да има поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, а за тоа најдобар доказ било тоа што прелогот не го става на гласање. 

„Прифаќање на бугарски диктат нема, но може да има заштита на националните интереси. И наместо да се приклучат, одлучија да прават негативна кампања со невистини, демек ВМРО ДПМНЕ прифатил нешто, а јасно е година дена дека не прифаќаме ништо од нивните лоши одлуки за Македонија“, наведува Николоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ понудила „државнички пристап“, а власта „примитивизам и предавства“.