Како ќе изгледа германската економија по пандемијата


Еве што мислат економистите за враќање на синџирите на снабдување и владина интервенција

Институтот ИФО во Минхен се изјасни против генералното преместување на производствените компании назад во Германија и владините интервенции во врска со синџирите на снабдување.

Наместо тоа, изворите на снабдување за германската економија треба да станат поразновидни на меѓународно ниво, а за да се постигне ова е потребно уште подлабоко интегрирање на единствениот европски пазар и посилна Светска трговска организација, вели Лисандра Флак, директор на ИФО Центарот за меѓународна економија, пишува белградски Блиц.
Германската економија има повеќе придобивки од отворените глобални пазари во споредба со речиси која било друга економија, вели Флек во написот објавен во списанието на тој Институт.

Германскиот бруто извоз, додава таа, вклучува 21 процентен удел на странска додадена вредност. Само за Кина оваа бројка е 17 проценти, додека за Соединетите држави се на ниво од 9 проценти, вели Флек, според резимето на написот што ИФО го достави до Танјуг.

Покрај тоа, нешто повеќе од 30 проценти од германската додадена вредност се извезува во странство. Во германскиот производствен сектор, тоа учество се искачува на околу 60 проценти. Само побарувачката од другите земји на ЕУ учествува со 20 проценти во вкупната додадена вредност што ја реализира индустријата во Германија, побарувачката од САД учествува со 9 проценти и од Кина 6 проценти. Остатокот од светот има удел од 25 проценти во ова.

Општо враќање на синџирите на снабдување во Германија би резултирало со големи загуби на приходите, додава Флек.

Од таа причина, владата, како што посочува, генерално треба да се воздржува од интервенции во дизајнирањето на синџирите на снабдување. Секоја интервенција треба да се заснова на јасни критериуми и да биде законски усогласена со правилата на Светската трговска организација, пишува Флек.

Таа тврди дека стратешките договори за слободна трговија, како што е оној меѓу ЕУ и Меркосур (држави од Јужна Америка), даваат можност за намалување на трговските трошоци и намалување на зависноста од одделни земји.

Зајакнувањето на стратешките резерви на национално или европско ниво или склучувањето договори со компании за соодветен резервен капацитет исто така може да бидат ефективни начини за да се обезбеди сигурност во снабдувањето, вели Флек.

ЕУ треба да игра важна улога во тоа, наведува таа и посочува дека 67 проценти од увезената стока од пет или помалку земји снабдувачи доаѓа од други земји-членки на ЕУ. Затоа, вели таа, важно е да се зајакне единствениот европски пазар.

Таа нагласува дека потенцијалот за интеграција не е исцрпен кога станува збор за прекуграничните услуги.

„Честопати недостатокот на хармонизација, несоодветната имплементација на правото на ЕУ и бирократските пречки стојат на патот на економската интеграција. Посебно внимание треба да се посвети на создавањето на целосно интегриран европски пазар на дигитални услуги”, заклучи Лисандра Флак, директор на ИФО за меѓународна економија .