Епл се извини заради контроверзната реклама за новиот ајпад про


Епл ја повлече рекламата за новиот ајпад про поради бурните реакции на јавноста: Еве што предизвика низа негативни коментари
Американската технолошка корпорација Епл се извини за краткото рекламно видео за новиот таблет ајпад про (iPad Pro) со чипот М4, откако се соочи со остри критики на социјалните мрежи.

– Нашата цел е секогаш да ги славиме безбројните начини на кои корисниците се изразуваат и ги реализираат своите идеи преку ајпад. Ја промашивме поентата со ова видео и жал ни е поради тоа, изјави маркетинг директорот на Епл, Тод Мајрен, пренесе Си–Ен-Би-Си.

Извршниот директор на Епл, Тим Кук, го објави споменатото видео на X профилот во вторникот, а Епл го објави и на Јутјуб.

Снимката покажува креативни алатки како пијано, гитара, камери, кофи со боја и предмети како метроном или книги кои постепено се уништуваат од голема хидраулична дробилка за на крајот да се компресираат сите овие предмети во нов таблет на Епл.

Видеото предизвика и потсмев и бес кај гледачите, бидејќи многумина рекоа дека се навредени од уништувањето на креативните алатки.

– Рекламата на Епл испраќа порака дека во иднината што ја посакува компанијата, нема место за кофи со боја, скулптури, физички инструменти, хартиени книги. Секако, ова е иднината на која Епл работи со години, само што претходно не беше толку отворена, истакнува порталот Техкранч.