Како ќе изгледа East Gate Mall, еден од најголемите во регионот (фото, видео)
Новиот East Gate Mall, што се гради во Скопје на локацијата на некогашниот Скопски саем, ќе ја промени сликата за продажбата на мало, а македонската метропола ќе добие нов препознатлив белег. Неговата изградба ќе овозможи и вработување на нови 2.500 претежно млади лица, а целиот проект, кој покрај трговскиот центар се состои и од деловни згради и резденцијален комплекс, ќе овозможи поттик за целата економија.
Ова е општата оцена на водечките банкари во земјава, но и банкари од странство кои денес со потпишување на синдицаран заем во износ од 72 милиони евра, овозможија да се затвори финансиската конструкција за трговскиот центар. Според нив, од особено значење е што инвестицијата се реализира во време на општа светска криза која е предизвикана од пандемијата со КОВИД-19.
Преку фотографии и видео на „Балфин групацијата“ која го гради овој комплекс, ви прикажуваме како ќе изгледа новото шопинг царство кога ќе биде изградено, а тое ќе биде навистина брзо – веќе во есента наредната година.
Исто така, ви прикажуваме и дел од атмосферата од денешното потпишување на договорот за синдицираниот заем што ја регистрираше нашиот фоторепортер Борис Грдановски. Договорот беше потпишан денеска од страна на домашни и странски банки со цел финансирање на изградбата на трговскиот центар East Gate Mall, градежен проект зад кој стои вкупна инвестиција од 103 милиони евра на Балфин групацијата.
East Gate Mall е дел од модерниот и современ повеќенаменски комплекс Скопје East Gate, кој e распространет на преку 15 хектари земјиште и опфаќа трговски центар, резиденцијален комплекс и канцелариски парк со вкупна планирана бруто изградена површина од над 500.000 м2, со што претставува најголемиот повеќенаменски проект во недвижности во државата.
Според г-дин Игор Давков, Генерален извршен директор на East Gate Mall, инвестицијата, за која денес се заокружи финансирањето во целост, ќе ја смени сликата за македонската ретаил индустрија.
„Изминатите две години напорно работевме на креирање портфолио на закупци кои во целост ќе ги задоволат потребите и очекувањата на потрошувачите, не само во државата, туку и во регионот. Трговскиот центар на ретаил пазарот во Скопје ќе донесе преку 20 нови светски модни брендови на малопродажна површина од над 20,000 м2, односно на приближно 40% од вкупната површина за издавање во трговскиот центар; ќе овозможи отворање трговски единици кои по својот формат и големина одговараат на форматот и големината во кои најголемите модни брендови отвораат продавници во светските метрополи, а со тоа овозможуваат и сосема поинаков квалитет и квантитет во понудата кон крајниот потрошувач. Веќе имаме потпишано комерцијални услови и договори за закуп со над 150 трговци, па така денес, повеќе од една година пред отворањето на трговскиот центар, истиот е издаден веќе над 80%, со потврдени комерцијални услови од закупците” – изјави г-дин Игор Давков.
Комплексот претставува модерен урбанистички и архитектонски симбол на Скопјe кој како проект има за цел да воведе нови и современи стандарди на урбаното живеење и работење. Tрговскиот центар зафаќа вкупна корисна површина за закуп од околу 57.000 м2 со 250 закупци (поединечни локали под закуп). Според планираната динамика, трговскиот центар треба да биде отворен за сезоната есен/зима 2021 година.
Со синдицираниот заем обезбедени се 38,5 милиони евра од НЛБ Групацијата (20 милиони евра од НЛБ дд Љубљана и 18,5 милиони евра од НЛБ Банка АД Скопје), 18,5 милиони евра од Комерцијална банка АД Скопје, 10 милиони евра од Raiffeisen bank Албанија и 5 милиони евра од Халк банка АД Скопје.
Со ова е овозможена значајна финансиска поддршка за реализација на оваа инвестиција. Банка лидер на овој синдициран заем е НЛБ Банка АД Скопје, која се јавува во улога на носител на сите активности поврзани со организација, координација и управување на целокупната финансиска конструкција.