Како Фатмир Битиќи пред една година ја потпиша инвестицијата што ја најавува премиерот Мицкоски
Договорот за инвестицијата на германската БМЗ за литиумски батерии беше потпишан на 4 септември 2023 во Франкфурт по седум месеци преговарање. Мицкоски денес ги кажува истите параметри од тогаш склучениот договор
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави оти утре ќе имало поставување на камен-темелник за фабрика на компанија што доаѓа од Германија. Таа ќе произведува литиумски батерии, инвестицијата е од 60 до 65 милиони евра и треба да има околу 700 вработени.
До поставувањето на камен-темелникот дошло по „напорна двомесечна работа и отстранување на сите оние недостатоци, коишто се акумулирале во месеците наназад“.
СДСМ преку соопштение изјави дека премиерот се кити со туѓи перја и дека инвестицијата на БМЗ била договорена уште лани во септември од тогашниот вицепремиер Фатмир Битиќи.
По прегледување на фактите излегува дека тврдењата на СДСМ се точни.
Еве што пренесоа медиумите 4 септември 2023:
„Со потпишувањето на договорот со БМЗ, портфолиото на странски инвестиции во нашата држава го збогатуваме и зголемуваме со нова инвестиција во фабрика за производство на батерии која ќе отвори 755 нови работни места“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи заедно со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Јован Деспотовски, престојува во работна посета на Германија, при што во Франкфурт се потпиша договор со германската компанија за производство на литиум-јонски батерии, БМЗ, за реализација на нова германска инвестиција во Северна Македонија.
„Со реализацијата на инвестиција од 65 милиони евра, која ќе отвори 755 нови работни места, ќе се креираат дополнителни можности за вработување на наши сограѓани, кои ќе создадат шанси за развој и унапредување на своите знаења, вештини и компетенции активно да учествуваат во најсовремени технолошки производствени процеси и за тоа да бидат добро платени“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи рече дека со проектирањето годишен извоз од 360 милиони евра, новата фабрика на БМЗ ќе значи директна придобивка за извозните способности на Северна Македонија и подобрување на трговскиот баланс, но и директно учество во градењето на долгорочни и одржливи основи на економскиот раст и развој на земјата.
„БМЗ е компанија што произведува батерии и имплементира батериски системи во сектори што во услови на интензивирана глобална транзиција кон зелена економија добиваат сè понагласена пазарна вредност и можности за успех. БМЗ е синоним е за технолошки напредна компанија, со високо ниво на одржливост и пазарен потенцијал, кои произлегуваат од нивните иновативни, висококвалитетни производи, која секоја држава би посакала да е дел од нејзиното стопанство“, изјави Битиќи.
Оваа инвестиција е уште едно камче во мозаикот на исклучително добрите економски односи помеѓу Германија и Северна Македонија, која ќе има позитивни импликации за понатамошните билатерални односи.
Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, во својата изјава рече дека само по седум месеци од кога ја имавме првата средба, веќе сме тука да потпишеме инвестициски договор од 65 милиони евра.
„Она што е најважно е дека БМЗ ќе вработи над 750 лица со плати од над 1.200 евра бруто. БМЗ е и првата компанија што формално се обврзува да даде конкретна поддршка за развој на вештини кај младите во нашата земја. Ова е добар пример како граѓаните имаат конкретна придобивка од инвестициите“, рече Деспотовски.