Како ЕУ ја прогласи Револуционерната гарда на Иран за терористичка организација?
Немаше ништо неизбежно во смелата одлука на ЕУ да ја означи Исламската револуционерна гарда на Иран (ИРГЦ) како терористичка организација. До само неколку дена претходно, мала, но моќна група земји предводени од Франција, Италија и Шпанија се воздржаа од одлуката. Што се промени објаснува „Политико“.
Притисокот од Берлин, како и снимките што излегуваа од Иран, ги натераа последните противници да го променат својот став во текот на неколку клучни дена пред собирот на министрите за надворешни работи во Брисел во четвртокот.
Франција, заедно со Велика Британија и Германија, е членка на групата нации Е3 што водат нуклеарни разговори со Иран. За Париз, отстранувањето на ИРГЦ од списокот на терористи на ЕУ „ја одржуваше можноста Е3 да игра улога ако преговорите за нуклеарната програма повторно започнат“, рече еден европски дипломат.
Сепак, до средината на неделата, плимата се вртеше. Земјите кои се залагаа за ИРЦГ да се најде на листата успеаја да ги одвојат Италија и Шпанија од групата на противници, а Рим прв ги смени камповите. Мадрид се согласи кратко потоа, преку изјава од Министерството за надворешни работи. Франција остана единствениот клучен исклучок на групата.
Меѓу другите размислувања поврзани со нуклеарните разговори, Франција беше загрижена за судбината на двајца државјани, Сесил Колер и Жак Пари, кои остануваат во домашен притвор во француската амбасада во Техеран по нивното ослободување од озлогласениот затвор Евин во Техеран, каде што се притворени политички дисиденти.
Сепак, до среда вечерта, притисокот врз Французите беше преголем. Без поддршка од сојузниците, Париз се откажа од своето противење, а министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро им рече на новинарите во четвртокот наутро дека „непоколебливата храброст на Иранците“ не може да биде „залудна“.
„Тие не сакаа да стојат таму како единствените што ја блокираат оваа одлука и го поддржуваат тој режим“, рече функционер на Европскиот парламент.
Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, посочи на снимките што почнаа да се појавуваат на крајот од долгиот прекин на интернетот наметнат од режимот како една од причините за пресвртот.
„Кога злосторствата беа јасни, тогаш беше јасно дека мора да има многу силен одговор од европската страна“, рече Калас.