Како Естонија ја победи информативната војна на Русија?

Естонија изгради фасцинантна структура за одвраќање на руската пропаганда која доведе до тоа - само 10 отсто од граѓаните со руско потекло да им веруваат на вестите и теориите на Кремљ


Информацијата стана оружје – е пораката што ќе ја слушнете во секоја институција задолжена за безбедноста во Естонија. Деновиве кога сите сме згрозени од сознанието колку се толерирало кај нас  политичкото подземје и колкав слободен простор за делување имале криминалците и поединците што одработуваат за странски интереси, конечно е запален црвениот аларм.

Се покажа дека жртва на овие структури не беше само девојче туку и целиот систем кој дозволил да биде еродиран, напаѓан и „убиван“, дотаму што Љупчо Палевски си дозволил  да покрене референдум за стратегиско прашање на државата, да биде сеприсутен во медиуми за кои не се знае за кого одработуваат и слободно да спроведува про-Кремљ политики во државата. Нема експерт за дезинформации во Eстонија, која патем важи за земја која најуспешно се справува со нив во светот, кој нема да ви каже дека Балканот е најранлив за засилената руска пропаганда, особено по инвазијата на Украина. Дека е така покажуваат анкетите на јавното мислење кај нас кое во голема мерка наклонува кон Русија околу инвазијата врз Украина и обемот на руската пропаганда спакувана во вести што се појавуваат низ медиумите во Македонија.

-Не му верувајте на рускиот журнализам. Не постои такво нешто како слободни медиуми во Русија, сите тие се оружје на Кремљ, порачува Петер Тали, парламентарец одговорен за безбедносни прашања во естонскиот Парламент. Според него уште во 2013 година главниот командант на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, објавил доктрина за водење модерна војна во која запишал дека економијата и информациите треба да се користат исто колку и воената сила. Поради немањето физички граници, интернетот сега се користи, според него,  за прикриени пропагандни акции чија цел е да ги откријат слабите точки во општествата, да ги поларизираат граѓаните внатре околу одредени прашања и да создадат политички проблеми и дестабилизација.

-Овие активности одат дотаму што во исто време се поддржуваат и крајно левичарски и крајно десничарски движења“, вели Тали.

Најчесто пропагандните пораки, за кои велат овде дека не се иновативни и се исти за многу земји, се дека владее целосна русофобија во Естонија,  дека се дискриминира руската заедница, дека кон нив се однесуваат како луѓе од втора класа,  дека нема слобода на говор туку репресија, дека во земјата се велича нацизмот и одново се пишува историјата, дека Естонија е пудлица на Западот, дека ги осиромашува граѓаните за да им помага на Украинците, дека НАТО е окупатор и провокатор и дека само им служи на САД за да ги остварат интересите и да го загрозат суверенитетот на другите. Нова е само темата околу Израел и Палестинците.

-Не читајте го тоа што доаѓа од Русија и не правите бизнис со неа бидејќи гасот доаѓа заедно со корупција што ги разорува општествата, предупредува Тели околу наративите. Негов совет е  да направиме се оваа пропаганда да се разобличи пред граѓаните за да не успева, т.е. да не се „купува“ веќе. Според него, зад пропагандата стои немањето желба во Москва да соработува околу создавање на безбедносна структура базирана на вредности, или поедноставно кажано и пречат демократијата, слободата на медиумите и владеењето на правото, па ги напаѓа во нивните темели.

-Путин го предизвикува најотворено европскиот начин на живот и прави се да направи поделби во земјите. А, ако некој постојано ги напаѓа вашите вредности напишани во Уставот, мора да бидете загрижени, вели Тели.

Естонија, која поголем дел од историјата била окупирана, има искуство со рускиот начин на водење на политиката, па е поимуна на дезинформациите и лажните вести од Русија. Но, до скоро тоа не важеше за една третина од населението од руското говорно подрачје кое главно се ослонуваше на информации од руските медиуми. Еден ден Естонија рече – доста.

И информативната војна е војна, велат овде во Талин, иако додаваат дека предност сепак и даваат на воената одбрана, бидејќи хибридните, сајбер и пропагандните напади „не окупираат територии и не убиваат луѓе“. Но, последните години е изградена фасцинантна структура за одвраќање на руската пропаганда која доведе до тоа сега само 10 отсто од граѓаните со руско потекло да им веруваат на вестите и теориите на Кремљ, а само 3 отсто да ги следат.

Центар на таа структура е Одделот за стратегиски комуникации во владата на Естонија, во кој работат дваесетина експерти кои следат што се пласира во медиумите и влијаат на создавањето  отпорност кон лажните вести. Нивните резултати се толку видливи што сега поддршката за НАТО во земјата е историски највисока и изнесува 79 отсто и во неа се бројат и најголем дел од граѓаните од руското говорно подрачје.

Секои три месеци овој тим прави испитување на јавното мислење околу клучните безбедносни прашања за да види во кој правец се трендовите. Од минатата година блокирани се 53 руски телевизиски станици и 307 веб сајтови кои ширеа руска турбо пропаганда. На редовна основа тие ги следат естонските, американските, британските, германските, француските и руските медиуми за да видат какви се расположенијата и наративите, а ги следат и социјалните мрежи, пред се Фејсбук, Телеграм и Твитер. Во образованието одамна се воведени часови за медиумска писменост, а воведен е и  единствен во светот „веб полицаец“, т.е. оддел со експерти во Министерството за надворешни работи кои примаат пријави од граѓани за говор на омраза, за лажни вести, политички провокации, обиди за поларизации и дезинформации. Тие ги испитуваат ваквите пријави, а во описот на работата им е да разговараат со тие што ги шират дезинформациите за да им објаснат дека работат во туѓ интерес. Досега, според информациите од овој оддел, се регистрираат по околу 10.000 пријави годишно, а тие лица за кои ќе се процени дека ги загрозуваат националните интереси, макар биле и новинари или политички активисти  – се протеруваат од земјата.   

Активноста не завршува тука буидејќи целта е да се спречи влијанието на пропагандата, а не да се казнува. Затоа, создадено е и интернет движење „Тука сум“ , што е еден вид форум каде што може да се дебатира отворено за темите релевантни околу безбедносните прашања и дезинформациите. Отворена е и директна линија за пријавување на говор на омраза и други штетни активности – 1247, а одделот има листа и од 100 резервисти, т.е. волонтери од медиумите кои во време на криза ќе се приклучат во одбраната од дезинформациите. И, за тоа во одделот постои разработен комуникациски план кој би се активирал веднаш во кризна ситуација, а за да се види како ќе функционира одржана е и  вежба во која биле вклучени над 2.000 луѓе и  13 министерства, биле креирани лажни веб сајтови и траела над 30 часа.

-Во комуникацијата, ако не реагираш  за 10 минути си втор. Некој друг го прави главниот наратив, велат од овој тим, кој има разработен план со список на медиуми, социјални мрежи и сретства за комуникациија што ќе бидат користени во вакви ституциии, со опција дури и ако нема струја или се блокираат некои комуникациски канали. Голем дел од плановите се базираат на искуствата од Украина која веќе води таква војна, при што посочија на два најинтересни примери – дека за испраѓање на клучните пораки украинското раководство, меѓудругите, користело и порно сајт со милион посетители, а за тие што избегале без документи пред војната креирало документи со QR код.

На подготвеноста на Естонците да им стават крај на дезинформациите нема крај. Создаден е и сајт „Биди подготвен“ преку кој им праќаат совети на граѓаните како да се справуваат со кризни ситуации, а невладината организација Propastop врши постојан мониторинг на дезинформациите, при што користи и комопјутерски робот Propamon кој ги следи, анализира и собира текстовите во руските медиуми во кои се споменува Естонија. Клучна сепак е финансиската поддршка што владата на Естонија ја озебедува за највлијателните медиуми за да креираат паралелни изданија или програми на руски јазик,  за да им дадат објективен извор на информации на граѓаните од ова говорно подрачје. Објективен – со оглед на тоа дека Естонија е на високото четврто место во светот по слободата на медиуми и довербата во нив е многу висока во јавноста.

Во одделот за стратегиски комуникации сите овие активности ги поврзуваат со три цели – да се спречат социјални и меѓуетнички конфликти во земјата ( целта на Москва, според оценките овде, е да ги конфронтира Русите со украинските бегалци во земјата), да го заштитат уставниот поредок и да го заштитат угледот на државата. Кај нас ниту на една од овие три теми никој сериозно не работи, а дезинформациите слободно „пливаат“ низ државата, што веројатно е и причина за опаѓањето на поддршката за Европската унија, за отпорот кон уставните измени и за неуспехот на Македонија да се одлепи од опкружувањето.

Андрес Лембер од Propastop вели дека се масовно „нападнати“ со дезинформации и лажни вести, но во справувањето со нив ги ограничува регулативата за слобода на говор. Затоа нивната активност е ограничена на мониторирање и пријавување на пропагандистите, провокаторите, троловите, ботовите и произведувачите на лажни вести. За тие што учествуваат во тоа, вели тој, станува збор за целодневна работа, па го посочи примерот со Ирина Јушарова, администраторка на две Фејсбук групи во Тарту на северот на Естонија. Таа била забележана поради големиот број на постови што ги пласирала секојдневно и големиот број на следбеници – десетици илјади.

-Беше активна од девет часот наутро и споделуваше стории од руски медиуми за мигрантите, за ЕУ… Сега, по војната во Украина, се прикрива повеќе, па главно постира содржини од естонски медиуми, но со ироничен тон. Активна е практично од сабајле до доцна навечер, а има 60 години и е пензионирана пекарка. Од каде знае толку политика и што мислите – го прави ли ова бесплатно?- прашува Лембер.

Отако Фејсбук и го затворил профилот, се појавила со нов профил  и со ново име -Ирина Ушарова и веќе има две сметки преку кои ги администрира групите. Вакви примери како неа има илјадници“, посочува Ламбер. Бидејќи “арсеналите“ за борба против нив им се лимитирани, насочени се кон тоа да креираат имунитет кај граѓаните во однос на ваквата пропаганда, разобличувајќи им ги наративите и профилите.

Освен што мониторираат, ги известуваат институциите и ја зголемуваат свесноста во јавноста, имаат и т.н. „пропагандно бинго“ – анкета меѓу граѓаните на тема – најголемата лажна вест кажана или напишана за Естонија. Па, така, вели добиле список со оценки дека Естонија е агресивна и воено настроена земја, дека мрази странци, дека е фашистичка држава, дека ги дискриминира Русите, дека е вазал на САД и слично, оценки кои практично се повторуваат и во Латвија, само со сменето име на земјата. Во Propastop направиле и лажна видеокампања за да видат до колку луѓе можат да стигнат и колку можат да влијаат другите на ставовите во руската заедница, при што бројката била 270.000 граѓани.  

-Дејствуваме анонимно за да избегнеме да станеме самите мета на нападите.На крајот на краиштата не е важно нашето име туку фактите, порачуваат од Propastop.   

Она што е куриозитет е дека тоа што им го прави на другите Русија не сака да и го прават на неа, па според последните податоци таа е на врвот од листата на земји (меѓу кои доста автократии) по барањата испратени од Гугл да се тргнат содржини што според неа се  „несоодветни“  за јавноста во Русија.