Како ДПИ врши контроли во маркетите кога од декември лани не е правно лице
Како се вршат контроли во маркетите, кога од 27 декември 2024 година Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) го изгуби својството на правно лице и практично не постои? Како може правен субјект што не постои да врши надзор и контрола? Кога нема правно дејство, секој може да го оспори. Го намалувате работното искуство на директорот на инспекциските служби, го сведувате на најниско ниво на службеник, да зависи од желбата и волјата на министерот. Ги намалувате критериумите, годините на работно искуство, а Инспекцискиот совет го правите беспредметно тело. Ова беа само дел од забелешките на опозициските членови на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор што беше на дневен ред на седницата. Тие побараа негово повлекување и корекција или изготвување сосема ново решение.
Како што беше речено во текот на расправата, со предложените измени се суспендира инспекцискиот надзор во државата и се создава правна апсурдност и несигурност.
Заклучокот на Комисијата, сепак, беше дека го проследува Предлог-законот на натамошна постапка во собранието.
По предложениот текст беа поднесени вкупно седум амандмани, сите од пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, но ниту еден не беше прифатен. Како што објасни Мурати, амандманите се во насока на зачувување на професионалната независност на инспекциските служби и на нивната автономија, јакнење на капацитетите на службите, како и ефикасен систем на надзор, а базираат на темелна анализа на европските практики, особено во Словенија и Хрвaтска.
– Со овој Предлог-закон нема ни транспарентност, ни отчетност, ни независност на инспекциските служби. Да не изгласаме закон што ќе го врати назад развојот на инспекцискиот систем, рече Мурати.
Јованка Тренчевска од СДСМ констатира дека овие законски измени се обид на незаконското да му се даде законска рамка.
– Се што се прави во инспекторатите од 25 декември е незаконски. Не ги прифативте амандманите на Мурати, а тие делумно ќе ја вратеа правната сигурност во делот на инспекциските системи. Со овие измени кои се задоцнети и беспредметни, на инспекциските служби им го укинавте својството на правно лице без да предвидите што понатаму со нив. Тие всушност веќе не постојат и сега велите дека опремата, вработените, архивите, обврските,… ќе се преземат во министерствата. Како може да биде преземен некој што не постои повеќе од 30 дена или како ќе се преземат права и обрвски од правен субјект што го изгубил својството на правно лице? Како дел од 15-те инспекторати во земјава во претходниот период се веќе преземени без правен основ утврден со закон? Тоа е противзаконски и некој треба да сноси одговорност, истакна Тренчевска.
Таа посебно се осврна на ДПИ и Инспекторатот за труд и праша која е правната основа за нивните вработени да ја добијат декемвриската плата.
– ДПИ и трудовиот инспекторат каде се вработени околу 600 лица или 60 отсто од вкупниот број вработени во сите инспекторати, го изгубија својството на правно лице, а не се преземени во министерствата, ниту реално во скоро време може да бидат преземени и тие веќе правно не постојат. Што е со вработените во овие инспекторати? Не може да бидат буџетски корисници, не може да земат плата, немаат сопствена сметка, ниту се преземени во Министерството за екномија. Кој е правниот основ за исплата на плата за декември 2024 година? Денешните измени тоа не можат да го обезбедат. Исплата на плата се прави врз основа на цесии меѓу соодветните министерства, УЈП и инспекторатите кои веќе не постојат како правни субјекти, а цесиите се потпишуваат во втората половина на јануари од директори кои немаат добиено овластувања од министерот. Цесиите се практично ништовни и мора да има одговорност. по која основа се вршени инспекциските надзори. Државниот инспекторат за труд го доведовте во ситуација да се прекршат правата на вработените таму и на инспекторите, истакна Тренчевска.
Се надоврза Соња Мираковска од НСДП која посебен акцент стави на Инспекцискиот совет.
-Ова е катастрофа, апелирам да го повлечете и корегирате законот, да не се брукаме како Парламент. Обидете се да разберете дека вака не може и не е добро. Во однос на Инспекцискиот совет кој беше постојано меѓуресорско тело на инспекциските служби, а потоа прерасна во самостоен орган на државната управа, го направивте беспредметен. Дали воопшто ќе одиме по европскиот пат каде Советот има многу значајна улога за да ја обезбеди независноста на инспекциските служби? Го сведувате на техничко ниво, одземјаќи му ги основните надлежности: правото да дава мислење за шестмесечните извештаи на инспекторатите, да донесува насоки за изготвување на актите за организација и систематизација на инспекциските служби, нема право да го каже своето мислење колку и каков кадар им е потребен, ниту да подготвува годишен извшетај и да поднесува предлог за разрешување директор на инспекциските служби. Kако ќе има авторите инспекцискиот совет?, рече Мираковска.
На тоа реагираше Весна Бендевска од ЗНАМ.
– Лицемерно и паушало е да критикувате половина час, без притоа да поднесете ниту еден амандман. Тоа потврдува дека сте тука да критикувате, а не да подобврувате. Грешки ќе има, ќе се поправаат, битна е намерата која е јасна. Нели се буневте дека многу институции се отвораат? Сега повторно имате забелешка. Олабавете, дозволете им на граѓаните да заборават малку што стои зад годините додека владеевте, а партал направивте од институционалните реформи, напомена Бендевска.
Тренчевска и одговори дека со амандмани „хаосот“ не може да се реши.
– Ќе поднесевме амандмани, но со тоа не се решава хаосот што го правите. Треба ново законско решение кое ќе ја врати правната сигурност. Ова не е грешка, туку катастрофа и нема да „олабавиме, зашто сме тука да укажуваме на грешките. Очигледно сте вие толку лабави што суспендирањето на инспекцискиот надзор треба да помине, рече Тренчевска.
За аспурдот да биде уште поголем, беше оценето од опозициските пратеници, во измените го нема инспекторатот за употреба на јазиците.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор е поднесен од пратениците Бојан Стојановски, Бојан Карапејовски, Зоранчо Јованчев, Јане Мицевски, Мевмед Џафери, Ријад Шакири и Халил Снопче. Со измените се предвидува инспекторатите да продолжат да работат како органи во состав на министерствата и да немаат сопствена буџетска сметка. Тие не ќе можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и вработувања, ниту да одлучуваат за правата и обврските од работен однос на вработените.