Како дојде до побратимството на СПЦ и МПЦ

Со овој црковен чин можат да бидат задоволни сите оние на кои им е важно единството на Западен Балкан, решавање на недоразбирањата и смирување на тензиите, осбено по руската агресија на Украина, вели историчарот Владимир Вељковиќ


Патријархот Порфиориј и архиепископот Стефан на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

 

Александар Вучиќ минатата среда положи заклетва пред пратениците на Народното собрание и го започна вториот мандат како претседател на Србија. Во својот инаугуративен говор тој особено се заблагодари на „Српската православна црква, негопвата светост патријархот Порфириј за исклучително мудрите одлуки што ги донесе и со тоа дополнително придонесе за пријателството и братството што го имаме со македонскиот народ. Ова е нешто што историјата, Ваша светост, ќе суди, а не дневен извештај“. А таа мудра одлука во превод значи признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), 55 години откако таа се оддели од СПЦ. Прво, МПЦ беше призната како канонска црква на почетокот на мај од Цариградската патријаршија (вселенската), а потоа и од СПЦ.

Војната во Украина, но и одвојувањето на Украинската православна црква на Киевскиот патријархат од Руската, односно Московската патријаршија, при што Украинската беше призната и од Вселенската патријаршија, е контекстот во кој се случи признавањето. Постои и страв кај СПЦ дека може да го изгуби своето влијание во регионот, па зошто да не ја признае МПЦ и со тоа да го зачува нејзиното влијание?

„Сето наведено претставува еден поширок контекст во кој најпрвин дојде до обновување на единството меѓу СПЦ и МПЦ, а потоа и признавање на автокефалноста, кое допрва треба формално да се реализира, по што црковно-правниот статус на МПЦ ќе биде дефинитивно регулиран, вели за хрватскиот магазин „Новости“ историчарот Владимир Вељковиќ.

Тој го посочува соопштението на Соборот на СПЦ „каде можевме да прочитаме дека владиците експлицитно се оградиле од какви било секуларни интереси (политички и геополитички) при разгледувањето на одлуката за статусот на МПЦ и изјавиле дека се водат исклучиво од духовни, црковни и пастирски критериуми“.

„Тоа очигледно беше со цел да се спречат политички шпекулации во јавноста за таа одлука, иако би рекол дека такви размислувања се неизбежни. Имајќи предвид, пред сѐ, дека поради украинското црковно прашање, кое со себе носи силна политичка и национална димензија, целото православие веќе неколку години се наоѓа во многу сложен период од своето постоење“, објаснува Вељковиќ. Српската православна црква можеби се дистанцирала од секуларните интереси, но Вељковиќ забележува дека стекнувањето или губењето на црковната автокефалност во православието често се поврзувало со одредени политички околности или новосоздадена државно-правна ситуација.

„Во православното црковно право државната независност не беше прифатена како правило и одлучувачки фактор за стекнување на црковната независност, туку можеше да послужи само како мотив за нејзино стекнување. Мислам дека во случајот со автокефалноста на МПЦ имаше среќно преклопување на политички и црковни мотиви. Со доделувањето на автокефалноста на МПЦ, СПЦ ја потврди својата јурисдикција над нејзините канонски територии, кои беа воспоставени во сегашниот опсег со добивањето на томосот од Вселенската патријаршија во 1922 година. Затоа, немаше преседан друга помесна православна црква да биде прогласена за надлежна за доделување автокефалност, иако и претходно имало такви иницијативи од МПЦ кон Бугарската православна црква. Во политичка смисла, со овој црковен чин можат да бидат задоволни и сите оние кои се заинтересирани за единство на Западен Балкан, решавање на несогласувањата, смирување на тензиите и потенцијалните жаришта, особено во контекст на руската агресија врз Украина“, вели Вељковиќ за „Новости“.

Бидејќи е невозможно да се согледува црквата без политички контекст, се поставува прашањето дали употребата на името МПЦ ќе предизвика нови проблеми, особено со Грчката православна црква.

„За тоа прашање веќе се изјасни Вселенската патријаршија во своето соопштение и одлука од 9 мај, кога наведе дека МПЦ, која е призната од Вселенскиот патријарх под името Охридска архиепископија и во рамките на државата Северна Македонија, ќе продолжи да го решава својот правен статус со СПЦ. Не гледам зошто би го смениле тоа сега, кога самите ја поставија рамката и практично ја утврдија процедурата за решавање на македонската автокефалност“, се прашува Вељковиќ. Тој посочува дека и Руската црква може да биде задоволна со доделувањето автокефалност на МПЦ од страна на Српската православна црква, „бидејќи тоа индиректно оди во корист и на украинското црковно прашање, имајќи предвид дека руската страна инсистира дека таа е исклучиво надлежна за територијата на Украина, а со тоа и за украинската автокефалност“.

– Во секој случај, се чини дека македонската автокефалност е резултат на компромис меѓу повеќе од две примарно заинтересирани страни“, заклучува историчарот Владимир Вељковиќ во разговорот за „Новости“.