Како до конкурентни производи: Прва Лидерска конференција за пристап до финансии за мали и средни претпријатија


Фондацијата Прогресив Академија, како дел од компанијата „Макпрогрес – Виничини“, беше организатор на првата Лидерска конференција на тема „Пристап до финансии за мали и средни претпријатија“ што денеска се одржа во Виница.

Партнерска поддршка во одржувањето на настанот даде и Стопанската комора на Македонија, а целта е тој да прерасне во платформа за вмрежување, учење и за поврзување на компаниите заради обезбедување помош и нивен раст и развој.

-Нашата цел е заеднички да изградиме престижна бизнис академија и со конкретни бенефити за членките на Комората, а таа да биде насочена кон развој на нова генерација лидери во економијата. Чест ни е што соработката со Стопанската комора ја зајакнуваме, а нејзиниот претседател се приклучува како нов претседател на Одборот на директори на нашата Прогресив Академија, истакна Глигор Цветанов, директор на компанијата „Макпрогрес“.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески нагласи дека директната поврзаност и соработка со една од најголемите извозни компании во државата се унапредува преку градење систем за обука и образование за потребите на бизнисот и поддршка на извозот.

-Сакаме да се свртиме од општите кон поединечните прашања и потреби за секоја компанија, заедно да помогнеме тие да создаваат конкурентни производи, каков што е примерот со нашите домаќини. Во „Макпрогрес“ имаат визија за тоа, што го докажуваат во изминатите 10 години, а во наредниот период им претстои третата фаза, поврзана со циркуларната економија и зелената агенда. Факт е дека се исцрпуваат сите можности коишто ни ги дава економијата и природата, поради што треба да се свртиме кон обновливата енергија и заштитата на човековата околина, а треба да почнеме да работиме веднаш, истакна Азески.

Првата лидерската конференција беше поделена во три панели на кои беа претставени финансиските инструменти за поддршка на малите и средните претпријатија, донаторските инструменти коишто можат да ги користат самите компании и нефинансиската поддршка што ја нудат разни асоцијации и агенции, како и коморите.

На конференцијата присуствуваа претставници од етаблирани компании, но и млади луѓе со иновативни идеи кои сакаат да креираат т.н. стартап бизниси. Предавачи беа реномирани финансиски и банкарски експерти, консултанти од областа на финансиската поддршка и стручни лица од домашни и меѓународни финансиски друштва и агенции.