Како да сме паднале од Марс


ЕРОЛ РИЗАОВ

Само ако е „паднат од Марс“ човек може да поверува и да се согласи со сите политичари кои од ден на ден сè погласно врескаат за владеење на правото и за божемна цврста определба за неселективна пресметка со носителите на организираниот криминал и за брзо расчистување на корупциските скандали кои со години ја тресат Македонија. Човек при здрав разум, кој живее во Македонија и гази на земја, а не лебди во партискиот космос, не може да не види нешто што е многу очигледно и кристално јасно: колку се погласни повиците за воспоставување правна држава, толку е посилно закочен целиот правосуден систем, почнувајќи од обвинителствата до највисоките судски инстанции.
Колку посилно се крева врева за борба против криминалот на високите политички функционери, во власта или во опозицијата, сеедно, толку помалку има осудени, а повеќе има избегани од рацете на правдата. Она што е константно и непроменето е фактот дека и натаму без застој, како да не се случило ништо, се трупа незаконски стекнато богатство. Во оваа сиромашна земја никој никого не прашува од каде ти се овие хациенди, дворци, луксузни згради и станови, компании, болници, рудници, хидроцентрали, електрични ветерници, чифлици, авиони, јахти, џипови и банкарски сметки со девет, десетцифрени бројки изразени во цврста валута и во злато, кои не ги собираат ни трезорски вреќи. Прашува ли некој дали ова го наследивте од вашите родители, дедовци и баби, или го стекнавте со работа. Колку вашиот имот е рамносилен на милионски износи (не)платени даноци и обврски кон државата. Тоа во оваа земја е строго забрането, односно точно е определена меѓата до каде може да се оди и кој може да има таква „непријатност“ да мора да го оправдува своето кнежевство стекнато со десет прста.
Во моментот, најголемата надеж за пресметка со криминалците од врвот на власта и моќта, Специјалното јавно обвинителство, по петгодишна артилериска канонада врз него, конечно е успешно блокирано. До негова целосна ликвидација остануваат уште неколку дена. Сега се одвива морската и јалова расправа, на која се палат корисните будали и партиски абдали за тоа кој е повеќе виновен – Катица Јанева, главниот специјален обвинител, целото СЈО, големите меѓународни криминалци, политизираните и партизирани делители на правдата, власта, премиерот, опозицијата, партиските лидери, новинарите… или делот на јавноста со кратко памтење, паднатите од Марс кои не можеа да видат дека поради спреченост на Катица Јанева во едноставна законска процедура се назначува обвинител што ќе ја заменува до изборот на нов. Се направи корејско прашање кој до каде е надлежен и на кој начин ќе се реформира јавното обвинителство, што ќе работи СЈО без Катица Јанева сè до денот „Д“, кога на големите криминалци им застаруваат делата. Потоа, се разбира, следува големата кавга кој е виновен што предметите застареле, што криминалците и натаму се на слобода и се уште побогати и помоќни.
Што да се каже, а да не се излаже и манипулира. Ако ни се случи да останат неказнети носителите на тие злодела, ако тие што нè ограбија и натаму ни се шепурат како ослободители и спасители, тогаш рака на срце, тоа и го заслужуваме, да останеме таму кај што сме, на балканската калдрма, во батак до гуша. Ги слушам со денови внимателно и премиерот Зоран Заев и неговите министри, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, ги слушам Али Ахмети, Зијадин Села и сите други релевантни партиски лидери и нивните портпароли и разни гласноговорници, аналитичари, експерти, големи и мали новинарски имиња, претворен во уво, ги слушам и бележам секој збор на јавните обвинители, судски функционери и авторитети; ги слушам и тие што излегуваат од распит кај Вилма Русковска и нивните адвокати, го слушам претседателот на државата Стево Пендаровски и на Собранието Талат Џафери, многубројни пратеници… Не знам вие, но јас ни малку не сум изненаден што нема резултати и при олку силна и моќна заложба за владеење на правото и расчистување на криминалните афери и скандали, без исклучок од сите спомнати и неспомнати.
Напротив, работите се комплицираат до сериозна закана криминалците и нивните заштитници да победат и да ја уништат иднината на државата и на два милиона граѓани. Додека надлежните институции се надмудруваат кој е понадлежен и ги толкуваат јасните и помалку јасните закони со денови и со месеци вистината во Македонија за криминална и рашомонска драма ја формираат кафулињата, партиските и ТВ-пациенти кои ја поздравуваат емисијата и водителот и тоа дење ноќе, амбициозните новинари кои сакаат да креираат политика, а не да истражуваат вистина, соседните медиуми кои се „многу загрижени“ за состојбите кај нас, читај кај нив, па својата јавност ако не биде мирна и послушна ја плашат со Македонија и Боки 13 итн.
Има ли начин како да се препознае кој од овие силни политички и партиски упоришта навистина се залага за владеење на правото, а кој за амнестија на криминалот и криминалците.
Да одиме со ред. Премиерот Зоран Заев во големата политика влезе со „бомби“, чии експлозии ги оправдаа и докажаа сомнежите за големите злоупотреби на власта, организираниот криминал и корупцијата во милионски износи. Повеќегодишното незаконско прислушување на илјадници јавни личности разоткри страшни злодела кои покажаа дека државата и нејзините институции биле под силна партиска и лична контрола на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, поради кои Македонија ја окарактеризираа и ЕУ и меѓународната заедница како заробена држава. Заробената држава повеќе од една деценија оформи личности со заробен ум и уплашена маса граѓани која може лесно да се меси со алатките на популизмот и лажниот патриотизам. Бомбите на Заев и граѓанскиот отпор доведоа до мироновременски промени и пад на режимот на Груевски по цели 11 години тортура. Тоа беше времето кога по телефон се нарачуваа повеќегодишни затворски казни на политички противници и на новинари, кога се гаснеа одеднаш повеќе носечки медиуми преку ноќ, кога неистомислениците се прогласуваа за предавници, непријатели, кодоши, шпиони, странски платеници, кога фрчеа драконски казни, кога се полнеа казаматите на Груевски со затвореници без пресуди и се одредуваа робијашки притвори. Падот на режимот беше спречуван со обиди за убиства на мандатарот Зоран Заев и на народни избраници во парламентот во класичен терористички обид за државен удар.
Сегашниот наследник на носителот на ова децениско злосторство, Христијан Мицкоски, со ниту еден збор или умесен предлог не се огради, ниту ги осуди овие злодела. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ го загуби кредибилитетот да биде предводник на оправданиот револт кон носителите на аферата „Рекет“. Ѓурултијата на компромитирани политичари и компромитиран партиски врв кој не може да се дистанцира од тие што ѝ нанесоа најголеми зла на државата, на граѓаните и на самата партија не може да биде посилна од здравиот разум на граѓаните. Но, тоа ни малку не ја ослободува власта од дебаклот што може да го доживее ако не го расчисти патот кон правдата. Фактот што премиерот Заев прв го пријавил случајот во обвинителството не може да биде оправдување доколку судската разврска не биде брза и ефикасна и не поштедува некој од инволвираните. Колку и да е силен шокот и револтот што иконата за борба против криминалот, Катица Јанева, се искрши во парампарчиња, оваа афера не може да биде изедначена со 11-годишната тиранија бидејќи е производ токму на таа криминална олигархија. Предметите кои ги поседува СЈО, без оглед дали ќе бидат предмети на друго јавно обвинителство, мора да ги завршат обвинителите на СЈО кои ги оформиле и истражувале. Ова или некое друго СЈО уште долги години ќе ѝ треба на Македонија. Поточно, сè додека не завршат преговорите со ЕУ и не се врати целосно довербата во државните институции и правосудниот систем, ќе мора да има тело кое ќе гони криминалци од високиот политички и деловен врв.
Актуелната власт и премиерот Зоран Заев, СДСМ и нивните коалициски партнери ќе ја понесат целосната одговорност за неуспехот со расчистување на криминалните афери и судските предмети кои се покренати и кои допрва треба да се покренат за злоупотребите, криминалите и корупцијата направени во изминатите години. Казната ќе биде особено голема ако од кои било причини не се добие датум на преговори со ЕУ и ако Македонија не стане членка на НАТО. Дури и да се остварат овие два најзначајни историски стратегиски цели, неминовно е и целосно расчистување со аферата „Рекет“ и праведни пресуди за злоделата на претходната власт.
Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не можат да ја освојат власта само со викање „држте го крадецот!“, јавнати на крилата на аферата „Рекет“, ниту пак со фабрикување нови скандали. Неопходно е јасно дистанцирање од своите криминалци кои сè уште се во партискиот врв и целосно прифаќање на Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија. Голем заблуда е дека гласачите Албанци ќе поддржат коалиции со ВМРО-ДПМНЕ ако таму, но и во нивните партии нема претходна чистка на носителите на криминалот и нивна праведна осуда во фер судски постапки. Историска закономерност е кој не ги уважува овие предуслови да исчезне од политичката сцена.