„Како да го донеле Дејвид Гета“: СДСМ прашува колку платија граѓаните за прославата на ВМРО во Струмица
Опозициската СДСМ со соопштение до медиумите реагира на вчерашната прослава на владејаќката ВМРО-ДПМНЕ по повод 36 годишнината од основањето, прашувајќи колку ги чинеше граѓаните на Македонија прославата на Мицкоски и ВМРО во Струмица?
„300.000 евра? 500.000 евра? Или многу повеќе? Превоз со автобуси, списоци од вработени по јавна администрација од цела Македонија, дневници? Колку ги чинеше тоа граѓаните? Како да го донеле Дејвид Гета“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ посочуваат дека додека народот се мачи да врзе крај со крај, додека цените незапирливо растат а сиромаштијата се зголемува, додека економијата тоне ВМРО со народни пари и партиската војска во јавна администрација ја слави безидејноста на своето владеење и изолацијата од ЕУ.
„Нема пари за повисоки плати, нема пари за субвенции за земјоделците, нема пари за 600 евра минимална плата, нема пари за поддршка на младите, нема пари за мерки, нема пари за лекови, пари има само за криминални тендери и луксуз за одлепената од реалност владејачка ВМРО“ се вели во реакцијата на СДСМ од каде што прашуваат колку платија граѓаните за Мицкоски да ги слави неуспесите и извештајот на Европскиот парламент за изолацијата на Македонија?