Како Британија гради брза пруга: Проектот ХС2 што ја направи државата предмет на потсмев
Брзата пруга од Лондон до Бирмингем требаше да биде гордост. По 16 години не се гледа крајот на нејзината изградба. За 225 километри ќе се потрошат 100 милијарди фунти

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска испрати писма до 22 врвни светски банки и меѓународни организации барање за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга Коридорот 10 согласно договорот што го потпиша вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, а потоа го изгласа Собранието. Износот кој се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра. Според неколкуте изјави на Николоски, изградбата на пругата би требало да трае пет години и на неа патничките возови би требало да одат со брзина од 160 киломтери на час. Целата експертиза, техничките подготовки и проектирањето, па и дел од изградбата треба да ги направат британски компании. Затоа што тие биле врвни во оваа област. Иако се знае дека во Европа нема поголеми експерти и поискусни од Французите кои ја изградија славната мрежа на брзи возови ТГВ.
Додека во Македонија од владините кругови се слави фали експертизата и знаењето на Британците, тие дома се зафатени со таков колапс на изградбата на брзата железница од Лондон до Бирмингем што тоа петнаесетина години е претворено во едно од најкрупните политички прашања. Шокантните податоци што вчера беа изнесени во британскиот парламент уште еднаш ја вознемирија јавноста, не само поради огромните пари што се потрошени, туку и поради лошата и нестручната работа на британските компании задолжени за изградбата на пругата.
Бројките се навистина неверојатни. Брзата пруга позната под акронимот ХС2 од Лондон до Бирмингем (двата најголеми града во Британија) во должина од 225 километри требаше да биде технолошки британски подвиг за да се фати приклучок со брзите пруги во другите држави. Според ревидираниот план брзите возови требаше да јурат со брзина од 300 километри на час.
Но тој проект се претвори во понижување за повеќе британски влади и во неуспех не само за железничкиот конзорциум, проектантите и изведувачите, туку и за целото британско општество. Зелено светло за проектот беше дадено од конзервативната влада на Дејвид Камерон во 2012 година и пругата требаше да биде завршена во 2029, но сега и ревидираниот датум – 2033 година, изгледа невозможен, како што соопшти вчера во парламентарната расправа министерката за транспорт Хајди Александар.
Цената на чинењето изгледа зашеметувачка.
Проценетите трошоци за делницата од Лондон до Бирмингем се помеѓу 49 и 56,6 милијарди фунти по цени од 2019 година. Во евра тоа изнесува 57 до 66 милијарди евра. Земајќи ја предвид инфлацијата, конечната цена би можела да биде уште поголема, потенцијално достигнувајќи помеѓу 67 и 81,7 милијарди фунти (78 и 95,4 милијарди евра). Една независна проценка ја одреди потенцијалната евентуална цена на 106 милијарди фунти. Овие бројки претставуваат значително зголемување во однос на претходните проценки и ја шокираат британската јавност.
Според пресметките на британските независни и владини организации еден километар од пругата просечно треба да чини фантастични 202 милиони евра. И тоа на терен каде што нема големи планини, каде што пејсажот е речиси рамен.
Министерката Александар вчера на пратениците мрежата на брзи железници ХС2 не може да се заврши според нејзиниот тековен распоред и буџет и ќе биде одложена за по 2033 година. За тоа таа го обвини лошото управување од страна на претходните конзервативни администрации.
Хајди Александар, му рече на парламентот дека „нема разумен начин да се исполни“ целта за 2033 година за првите возови што ќе сообраќаат помеѓу Лондон и Бирмингем, откако доби мрачна оценка од новиот извршен директор на ХС2, Марк Вајлд.
Во писмо до Александар, Вајлд рече дека „целокупната ситуација во однос на трошоците, распоредот и обемот е неодржлива“. Тој посочи дека владата ќе мора строго да ги почитува изведувачите и повторно да преговара за договорите за изградба доделени во 2020 година, или трошоците ќе продолжат да растат.
Тој, исто така, наведе дека претпоставките за идните временски рокови се погрешни и дека самата фаза на тестирање веројатно ќе трае три години, наместо 14 месеци.
Александар рече дека ќе поминат неколку месеци пред да може да потврди ажуриран распоред за завршување или цена на проектот. Таа, исто така, рече дека „црта линија во песокот“, детално опишувајќи го она што го нарече „литанија на неуспеси“ откако коалициската влада на Дејвид Камерон го презеде проектот во 2010 година, за кој плановите ги објавија лабуристите една година порано.
Владата ги објави наодите од прегледот што го нарача минатата есен за проблематичната шема, заедно со писмото од Вајлд во кое се наведени чекорите за „ресетирање“ на изградбата.
„Милијарди фунти пари на даночните обврзници се потрошени залудно со постојани промени во обемот, неефикасни договори и лошо управување“, рече Александар. „Тоа е ужасен хаос. Но, тоа е хаос што ќе го средиме“.
Прегледот нарачан од владата од ветеранот во инфраструктурната индустрија, Џејмс Стјуарт, за тоа што тргнало наопаку и лекциите за идните проекти, кој беше објавен во средата, исто така ги идентификуваше договорите и пречекорување на трошоците како проблем. Во извештајот на Стјуарт, исто така, се вели дека политичкото донесување одлуки било голем фактор во трошоците, а потоа и во одложувањето, при што ХС2 немала „тампон“ од владата, што ја правело „подложна на еволутивни политички цели, кои го туркале распоредот напред пред да има доволна зрелост во дизајнот и предизвикале прогресивно отстранување на обемот“.
Тој го нападна она што го опиша како „култура на позлатување… очигледно на ХС2“. „Визијата од горе надолу за изградба на железница што би била најдобра и најбрза беше главен фактор во поткопувањето на обидите за воведување култура на контрола на трошоците“, рече тој.
Најавувајќи го одложувањето во Долниот дом, Александар рече: „Не ми е задоволство да објавувам вакви вести“. Конзервативната опозиција и министерот во сенка призна дека нивните претходни влада направиле многу грешки, особено со одлуката во 2020 на тогашниот премиер Борис Џонсон и другата одлука од 2023 на владата на Риши Сунак.
Македонските егзалтирани планери на брзата пруга (пред сѐ, министерот за транспорт, Александар Николски) треба внимателно да ги читаат овие извештаи за големите британски неуспеси во изградбата на брзата железница меѓу Лондон и Манчестер. Едно се пропагандните приказни, а друго реалноста со изградбата на брзите пруги на британските железници. Се разбира, брзината од 300 километри на час е двојно поголема од посакуваната од 160 километри на час за Македонија по Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија. Но и теренот е многу покомплициран од оној во средна Англија.
Многу нејаснотии имаа околу тоа колку би била реалната цена на чинењето. И Британците на почетокот тврдеа дека нивната пруга ХС2 ќе чини 33 милијарди фунти, а сега не знаат дали ќе бидат доволни и 100 милијарди. Независните известувачи велат дека речиси сѐ било промашено во проектирањето и изведувањето на пругата, на која не ѝ се гледа крајот. Македонската јавност е убедувана дека токму британските експерти кои ги направиле огромните промашување дома се најдобриот можен избор за Македонија. И дека две милијарди евра и нешто повеќе ќе бидат доволни за изградбата на пругата по Коридорот 10. Многу лошо ќе биде за сиромашна Македонија ако ни се случи британското искуство за најмалку трикратно зголемување на трошоците. (Љ.П.)