Кафе од 194 грама, кисело млеко од 300 грама… Трговците најдоа начин да ги „прескокнат“ ограничените маржи


Маркетите за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за ограничување на маржите. Се обидуваат на секаков начин да го заобиколат законот и да остварат профит. Имаат празни рафтови и не се снабдени доволно со производите опфатени со Одлуката. Вршат и големи притисоци врз добавувачите, рече денеска на прес-конференција директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски, најавувајќи строги казни.

Екипите на ДПИ, нагласи Трајковски, се секојдневно на терен и вршат контроли. Тој на прес-конференција извади и неколку млечни производи, објаснувајќи дека маркетите на купувачите не им ги нудат оние пакувања кои претходно ги имало и кои се опфатени со Одлуката за маржите, туку некои други, со помала грамажа.

-Ќе казнуваме, за никого нема да има компромис, законот ќе важи и мора да важи за сите. Им порачувам и на трговците на мало и на трговците на големо, да не се обидуваат да ги заобиколуваат законите за да не ја почитуваат Одлуката. Тоа нема да го дозволиме. Мора да имаме правичен систем и секој што сака да е дел од него е добредојден, но секој што ќе се обиде да го заобиколи, ќе биде најстрого казнет. И денеска имаме екипи на терен, а за грамажата ќе се консултираме и со АХВ. Ќе постапуваме најригорозно, зашто навистина има обиди да се заобиколат законите. Не викам дека не треба да има 194-грамско кафе. Во Одлуката е опфатено 200-грамското, нека има и од 194, но мора да го има и тоа од 200 грама. Со Одлуката е опфатен и лебот од 450 грама. Има големи добавувачи, апелирам до нив, бидејќи имаат 470-грамски леб, да произведат и 450-грамски леб. Освен кај кафето и кај киселото млеко наоѓаме 300 грамско пакување, иако со Одлуката е опфатено 400-грамско. Можно е ваквите производи да се запленат, истакна директорот.

Според него, големите маркети и со Одлуката за маржите успеваат да остварат профит, па оттука е најсно зошто се обидуваат да ги заобиколат законите.

– Тие се десет милиони евра во добивка и покрај замрзнувањата и намалувањата. Не знам зошто ова го прават кога пак ќе остварат профит, рече директорот.

Од донесувањето на Одлуката за ограничувањето на маржата до 10 отсто ДПИ извршил преку 500 надзори кај над 73 категории производи и издал над 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4,3 милиони денари.

-Од почетокот на Одлуката до четвртокот беа издадени прекршочни платни налози од над два милиона денари, а само во четвртокот исто така беа издадени налози од над два милиона зашто во средата се увиде дека трговците на мало, големите ланци маркети, имаат празни рафтови и не се снабдени доволно со количините призводи како што е наведено во Одлуката. Тоа нема да го дозволиме. Се додека сум директор на ДПИ, им порачувам на трговците на мало и на големо, да не се обидуваат да ги заобиколуваат зкаоните за да не ја почитуваат Одлуката. Имам информации и дека неколку големи ланци маркети вршат големи притисоци врз добавувачите како да ги заобиколат законите и да остварат профит. Трговците на големо (снабдувачите) да не потклекнуваат на притисоците што ги вршат неколку од големите маркети за да ги заобиколат законите и да не ја почитуваат Одлуката, подвлече Трајковски.

Тој апелира до трговците, ако имаат простор, да ги намалат цените и на другите производи освен оние опфатени со Одлуката за маржите.

Владата на 20 септември годинава ја донесе Одлуката за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто со која се опфатени стотина основни прехранбени производи: леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук…

Премиерот Мицкоски, пак, денеска изјави дека е исклучително задоволен од спроведување на мерката.

„Морам да кажам дека сме исклучително задоволни од тоа што се случува во одредени маркети, не во сите, бидејќи во некои за жал имаме и шпекулативно однесување. Но, таму каде што се намалени цените, се намалени со оваа таканаречената есенска кошничка некаде и повеќе од 10 проценти. Посебно тоа се однесува на производите кои се од житарици“, вели Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Мицкоски истакна дека и мерката намалување на маржата на училишниот прибор каде дел од производите се намалиле од 25 проценти влијаела врз животниот стандард на граѓаните.

„Исто така би сакал да кажам дека и со мерката за намалување на училишниот прибор дел од производите се намалија до 25 проценти, некаде и до 30. Тоа е голема заштеда за граѓаните која што исто така влијае за стандардот“, рече тој.

Премиерот Мицкоски истакна дека инфлацијата во месец август е 2,2 проценти, како и дека ќе продолжат да работат посветено и одговорно во интерес на граѓаните и на подобрување на животниот стандард.